Тевдовски: Со промената на власта се зголеми и растот на платите

Министерот Тевдовски наведе седум факти кои говорат во прилог на прогресивното оданочување и ги поби тврдењата дека реформата ќе ја намали вработеноста, ќе ги намали платите, ќе предизвика даночна евазија, ќе му наштети на бизнисот...

167

Реформата за праведното оданочување позитивно влијаеше врз економските резултати, а последните економски остварувања покажуваат дека економијата е во одлична кондиција. Според министерот за финансии, Драган Тевдовски, реформите во фискалниот систем се во вистинска насока и ги исполниле очекувањата на Владата и на Министерството.
Тевдовски наведе седум факти за економските резултати по спроведување на оваа реформа, што се однесуваат на зголемена вработеност, зголемена вработеност кај младите, раст на платите, раст на платите и вработеноста на ИТ-секторот, раст на даночните приходи од личен доход, позитивни резултати кај бизнисите и раст на економијата.
– Бројот на вработени е зголемен за 17.000 лица во првите три месеци од годинава, односно по воведување на праведниот данок. Невработеноста во првите три месеци од 2019 година е сведена на најниско ниво од спроведување на анкетата на работна сила или 17,8 отсто што е за 1,6 отсто пониско ниво во однос на последното тримесечје од 2018 година. Иако, пред воведувањето на праведниот данок во јавноста беше изразена загриженост дека праведното оданочување ќе ја намали вработеноста, се случи сосема спротивното, односно само за едно тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17.000 лица, рече министерот.
Вториот факт е зголемување на вработеноста кај младите од 15 до 24 години која во првото тромесечје е зголемена за 6 илјади. Третиот факт е дека прогресивното оданочување ја зголеми просечната плата, која во првото тромесечје годинава во однос на истиот период лани е зголемена за 3,4 отсто. Четвртиот факт е дека платите и вработеноста во ИТ секторот растат. Така платите во овој сектор во првото тромесечје годинава во однос на истиот период лани се зголемиле за 5,5 отсто, а бројот на вработени во првото тромесечје годинава е зголемен за 15 илјади.
Исто така, Тевдовски посочи дека спротивно на тврдењата дека прогресивното оданочување ќе ја зголеми даночната евазија, приходите од данок на личен доход од јануари до мај се зголемени за 17,4 отсто во споредба со истиот период лани. Во Буџетот за годинава е предвиден раст на приходите по овој основ од 8,7 отсто.
Шестиот факт, кој го посочи Тевдовски е дека прогресивното оданочување позитивно влијаело на бизнисите, а тоа го покажуваат и податоците според кој индустриското производство во периодот од јануари до април во однос на истиот период лани се зголемило за 7,9 отсто, а во истиот период извозот пораснал за 15 отсто. И последниот факт со кој Тевдовски го поби тврдењето дека прогресивното оданочување ќе го блокира растот на економијата е раст на БДП во првото тримесечје од годината од 4,1 отсто.
На прашањето кого ќе зафати прогресивното оданочување со оглед на фактот дека 70 отсто од вработените во државата не земаат плата повисока од 12.000 денари, Тевдовски со одговор дека растот на платите од 3,4 отсто е повисок од просечниот раст на платите во претходните седум години.
– Јас сум еден од главните поборници за раст на платите во државата. Со промената на власта се зголеми и растот на платите. Така последниот податок за раст на платите од 3,4 отсто во првото тромесечје е повисок од просечниот раст на платите во претходните седум години кој изнесувал 2,2 отсто, истакна Тевдовски. (А.С.)