Театар: „Девојчето со кибритчињата“ – малку ќе ги натажи детските срца

14

„Девојчето со кибритчињата“ е уште една светски позната бајка на Ханс Кристијан Андерсен, која во вид на куклена претстава публиката може да ја види на 16 февруари, во 12:30 часот, во Театарот за деца и младинци.

Тажната приказна за девојчето со кибритчиња, кое измрзнато од студот упорно се обидува да продаде некое кибритче со што би заработила малку пари, неопходни за неа и нејзиниот татко, мајсторот на куклениот театар проф. Боњо Лунгов успеа да ја освежи со многу хумор и интересни досетки. Така претставата е интересна за гледање, без страв дека детските срца ќе се натажат до несакани размери. Бајковитоста на сценографијата, костимите, куклите и музиката само го комплетира вкупниот впечаток. Фасцинира добрината на девојчето, кое расте и живее во многу сурово време и сурова средина, која нема обзири ни кон децата.

Улогите ги толкуваат Ана Левајковиќ-Бошков, Тања Кочовска, Катарина Илиевска Силјановска, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Винета Дамческа, Драган Довлев.