Најавениот влез на Алијанса за Албанците во владејачкото мнозинство и понатаму ги бранува редовите на албанскиот блок во Владата. Алтернатива го чека исходот од кадровскиот договор на СДСМ и АА за да реши дали ќе остане или ќе ја напушти Владата. Огнените од ДУИ коментираат дека во проевропската владина коалиција ќе биде приклучена партија која до вчера била со Москва и со Левица, а и со влезот на АА недостигаат пратеници за уставните измени. Лидерот на АА, Арбен Таравари, пак, вели дека партијата би поддржала и малцинска влада без да добијат министерско или директорско место.
Првиот човек на Алијанса за Албанците, Таравари, вели дека за неколку дена ќе се знае дали тие ќе станат дел од Владата.
-Јас планирам идната недела да свикам Централно претседателство и да ја завршиме оваа работа, рече Таравари вчера на ТВ Телма.
Тој посочи дека тие би поддржале и малцинска влада без да добијат министерско или директорско место и да бидат бекап на Владата, да обезбедат кворум во Собранието, а Владата да се обиде да направи 80 пратеници за уставни измени.
-И ова сме го понудиле и јавно го кажувам, меѓутоа подготвени сме да земеме и одредени одговорности и евентуално да раководиме одредени институции, рече Таравари.
Претседателот на АА појаснува дека една од нивните цели е борбата против корупцијата и дека со раководење во одредени институции би го покажале тоа.
Со претседателот на Алтернатива, Таравари вели дека имаат релативно добра комуникација и дека се сретнале два пати и дека нивната намера не е некој да излезе од Владата, туку и АА да даде свој придонес или од надвор или од внатре.
Алтернатива, пак, ќе чека прво целосно да завршат преговорите меѓу АА и премиерот Ковачевски, за потоа да донесе одлука дали ќе останат или ќе ја напуштат Владата. Претседателот на партијата, Африм Гаши, додава дека треба да видат дали конечниот договорот меѓу АА и коалициските партнери задира во договорот на Алтернатива со мандатарот на Владата.
„Јас ја вршам мојата задача за да креирам добри алтернативи, односно да ги анализираме двете опции – што ако влеземе, а што ако излеземе. Истите ќе треба да ги ставиме на дебата во нашите органи и да одлучиме како мнозинство“, вели Африм Гаши.
Гаши не сакаше да коментира ниту што ќе се случи доколку на Алтернатива ѝ се одземе Министерството за здравство. Сегашниот министер за здравство Беким Сали, пак, посочи дека ако неговата партија Алтернатива побара од него, тој е подготвен да замине од функцијата.
Пратеникот Скендер Реџепи-Зејд, кој беше дел од партијата Алтернатива денеска, коментирајќи ги преговорите за влез на АА во Владата, рече дека не е јасно зошто се проширува мнозинството кога и понатаму ќе нема 80 пратеници потребни за уставните измени.
-Излезен сум од Алтернатива, но сум еден од главните основачи на партијата и затоа нормално е дека имам одговорност кон сите структури, членството кое е таму. Има мнозинство, меѓутоа иако не ми е јасно зошто се проширува мнозинството, сепак добро е такво. Мнозинство од 80 пратеници нема да има, рече тој додавајќи дека засега резултатот е таков што Алтернатива е доведена во неизвесна положба да одлучи да ја сочува честа и да излезе од Владата или да остане дел од власта понижена.
Според Таравари, со бројка од 64 пратеници, многу потешко може да се стигне до бројката од 80 пратеници потребни за уставните измени.
– Со една бетонирана бројка од 70 или 72, плус Беса, којашто мислам дека би гласале исто како Алијанса, без разлика дали се позиција или опозиција. Мислам дека е многу полесно да се стигне до 80 пратеници од 72 или 74 отколку во оваа состојба во која е актуелното мнозинство, изјави Таравари, според кого да има уставни измени потребни ќе бидат уште најмалку осум гласови.
Изет Меџити и други приврзаници на т.н. „огнена група“ од ДУИ, пак, сметаат дека новата коалиција не е во насока на обезбедување на европските интеграции.
– Сега за Европа ќе одат со Арбен Таравари, кој до вчера беше со Москва и со Левица. Оваа коалиција не е за Европа туку за спас на Артан Груби. За да се изгласаат уставни измени потребни сè уште шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но и тоа не е сигурно, па ќе треба да се обезбедат уште со нова акробација, рече Меџити вчера на дебата во Гостивар.
Според Таравари со обидот да се приклучат на владејачкото мнозинство и да дадат поддршка за евроинтеграциите Алијанса сака да испрати порака и до ВМРО-ДПМНЕ.
-Ние со ова сакаме да испратиме порака и до ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ од една страна останува со Левица и веќе се, да речам, за жал, стигматизирани дека едноставно го кочат процесот поради нејасна работа. Од друга страна, пак, не мислат дека ако Македонија не ги започне преговорите до крајот на годината, тоа е уште потрагично за државата, па и за луѓето, рече Таравари.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвраќаат дека владејачкото мнозинство нема реформски капацитет, не може да се справи со корупцијата, ниту пак има мандат и доволно пратенички гласови за уставните измени.
-Кај нас викаат „Прво средете си го сопствениот двор, па после гледајте во туѓите дворови“- рече денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, коментирајќи ги изјавите дека се потребни шестмина до осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за да се постигне бројката од 80 пратеници за уставни измени.
(И.С.)