Талибанците денеска извршија двојна јавна егзекуција на стадион во југоисточниот дел на Авганистан. Роднините на жртвите ги застрелаа двајцата осудени лица додека илјадници луѓе гледаа. Претходно, Врховниот суд на Талибанците ги осуди на смрт Сајед Џамал од централната провинција Вардак и Ѓул Кан од Газни за две неповрзани убиства со нож.
Денеска луѓето се собраа пред стадионот во градот Газни и чекаа да влезат и да бидат сведоци на егзекуцијата. Верските водачи ги молеле роднините на жртвите да им простат на осудените, но тие одбиле. Абу Абу Калид Сархади, портпарол на локалната полиција, не сакаше да каже каков вид на оружје е употребено во егзекуцијата.
Извршувањето на казната започна некаде пред 13:00 часот по локално време. Испукани се 15 куршуми, осум кон едниот и седум кон другиот. Портпаролот на Врховниот суд Абдул Рахим Рашид изјави дека мажите биле застрелани од зад грб. Брза помош потоа ги однела нивните тела, пишува Асошиетед прес.
Тоа беше трета и четврта јавна егзекуција откако Талибанците ја презедоа власта во 2021 година, во услови на хаотично повлекување на силите на САД и НАТО од Авганистан. Обединетите нации силно ги критикуваа Талибанците за извршување на јавни егзекуции, камшикувања и каменувања и ги повикаа да престанат со таквите практики.
Денеска ОН го повторија своето силно противење на смртната казна, посочувајќи дека таа не е во согласност со основното право на живот. За време на претходното владеење со Авганистан во доцните 1990-ти, талибанците редовно извршуваа јавни егзекуции, камшикувања и каменувања.