Tалибанските власти забранија емитување на радио програмата на станицата Гласот на Америка (VOA) и на Радио Слободна Европа во Авганистан, наведувајќи ги како причина жалбите што ги добиле за програмската содржина.
Забраната стапи на сила денеска според директивата издадена од Министерството за информации и култура на Талибанците.
Портпаролите на талибанците не дадоа конкретни детали за наводните поплаки за информативните програми финансирани од САД.
„Авганистан има закони за медиуми и секоја мрежа за која ќе се утврди дека во повеќе наврати ги прекршила тие закони ќе ја изгуби привилегијата да известува и емитува од Авганистан“, рече портпаролот на талибанското Министерство за надворешни работи Кухар Балки во писмената реакција до Гласот на Америка.
„Гласот на Америка и Радио Азади не ги почитуваа овие закони, постојано ги прекршуваа, не покажаа професионалност и затоа беа затворени“, објасни Балки.