Македонија и Унгарија ќе се координираат за идните чекори што двете држави ќе ги преземат за поставената такса на руски гас од Бугарија. Ова е договорено на работниот состанок на министерот за економија, Крешник Бектеши со министерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петер Сијарто, а на кој присуствуваа и генералниот директор на АД НОМА Гас, Бајрам Реџепи и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Двајцата министри разговараа за следните чекори кои што ќе се превземат со цел отстранување на таксата на руски гас што ја наметна Бугарија, која како што се согласија е нелегална и е непријателски чин.
– Целосно сме посветени во решавање на проблемот кој го наметна Бугарија со воведување на такса на рускиот гас и изнаоѓање на заедничко решение преку координирани активности на сите засегнати страни. Македонија ги поддржува сите иницијативи за решавање на настанатиот проблем – кажа министерот Бектеши на состанокот.
Бектеши и Сијарто се согласија дека дивиерзификација на изворите за снабдување со гас се крајна цел на која двете земји ќе работат заеднички во наредниот период. Унгарија е помеѓу првите 10 трговски партнери на Македонија е значаен политички и економски партнер и странски инвеститор во земјата, со нагорен тренд на трговската размена и континуиран суфицит на извозот од наша страна.