Поранешниот претседател на Србија и лидер на Социјалдемократската партија (СДС), Борис Тадиќ, изјави за магазинот Недељник дека седум години по смена на власта – Србија е остварување на сонот на Воислав Шешељ, дека заостанува зад регионот и дека ова е „златно доба“ само за Александар Вучиќ и неговите луѓе.

-Србија е токму таму каде што ја поставија напредњаците, криминалците и белите (гласачки) листови – денес таа е простор за грабеж, политички простотилак, агресија и личната суета и комплексите на нејзиниот владетел и во сите сфери огледало на непросветлен апсолутизам. И тоа не пред се на Вучиќ, туку на вистинскиот идеолог и втемелувач на оваа власт – Воислав Шешељ, истакна Тадиќ.

Тој додаде дека Шешељ во суштина победил на изборите во 2012 година, додека Вучиќ е само неговиот најуспешен маркетиншки производ.

Тадиќ рече дека еден од најголемите проблеми во Србија е ниското ниво на разбирање на политиката, демократијата, начините на донесување на одлуки, а без тоа, како што кажа, нема цивилизирано општество.

-Верувам дека само голема и обновена Демократска партија (ДС) може да излезе во пресрет на овие предизвици, бидејќи и покрај нејзините недостатоци и грешки, таа е единствената партија во Србија која има акумулирано искуство на политички победи, и тоа не само изборни, туку и победи во реалните промени во општеството, рече Тадиќ.

Тој додаде дека затоа ја започнал обновата на ДС, за чие уништување, меѓу останатите, одговорни се и оние кои денес се на истакнати места во Српската напредна партија (СНС).

Тој порача дека моќта на бојкотот е во обединета опозиција и дека ќе биде покорисно доколку најавата за бојкот била истовремено и заедничка, но и дека се уште не е доцна да се исправат погрешните првични чекори.