Сè е планирано сценарио – Како да се стават науката и уметноста во функција на одржливо општество?!

На Дванаесеттата меѓународна научна конференција „Науката и уметноста во функција на одржливо општество“, која се одржа вчера, на Европски универзитет – Скопје, се разгледаа повеќе аспекти за унапредување на концептот на одржливо општество и одржлив развој. Општествениот развој и желбата за подобри услови за живот на светската популација се глобална цел, за која се залагаат и најрелевантните меѓународни организации, но и секоја држава засебно, со цел да овозможи поквалитетен живот за своите граѓани. Во оваа комплексна ситуација, не треба да заостануваат ниту науката ниту уметноста, туку тие да бидат едни од водечките сили во потрагата по иновативност и одржливост, беше истакнато на конференцијата

153

На Европски универзитет – Скопје се одржа Дванаесеттата меѓународна научна конференција „Науката и уметноста во функција на одржливо општество“. Мисијата на конференцијата е стимулирање и презентирање научни и општествени сознанија за можностите, белезите и резултатите од научното и од уметничкото творештво во функција на унапредување на концептот на одржливо општество и одржлив развој.

Оправданоста на ваквата тематска насоченост на конференцијата, како што беше кажано, може да се согледа во очекуваниот придонес во откривањето на научните и креативните потенцијали, нивно концентрирање и остварување при создавање научни и уметнички творби. Општествениот развој и желбата за подобри услови за живот на светската популација се глобална цел, за која се залагаат и најрелевантните меѓународни организации, но и секоја држава засебно, со цел да овозможи поквалитетен живот за своите граѓани. Во оваа комплексна ситуација, не треба да заостануваат ниту науката ниту уметноста, туку тие да бидат едни од водечките сили во потрагата по иновативност и одржливост.

Како што истакна проф. д-р Александра Нацев, декан на Факултетот за детективи и криминалистика, целта е да се подготват, презентираат, образложат и соочуваат научни, стручни и уметнички трудови кои ги констатираат и респектираат и ограничувањата и стимулирањето во откривањето, анализирањето и воопштувањето на идеи, теми, прашања, проблеми и проекции во научната и во уметничката сфера. Размената на искуства, на информации за настанувањето на поединечните инспирации и начините на создавање на трудовите се, исто така, важна цел на конференциското соочување, дебатирање и сублимирање.

Проф. д-р Зоран Крстевски говореше на тема „Индивидуално и колективно одржување во услови на криза“. Во своето обраќање, тој го стави акцентот на индивидуалните вредности кои, како што рече, може да бидат решение за излез од кризата.

– Сите ние се наоѓаме во криза – политичка, економска, енергетска… Оваа криза може да се гледа низ призмата на колективот и низ призмата на индивидуата. Капацитетот што го имаме сите ние во себе ни покажува како ќе се справиме со кризата. Од една страна, може да се потпреме на колективот и да чувствуваме страв од тоа што ќе се случи, а, од друга страна, може да се потпреме на себе и можеме да најдеме решение за кризата. Тука се поставува прашањето: до каде ќе одиме? Ако очекуваме некој да нè води, тогаш може да пропаднеме во бездна, а ако се свртиме кон индивидуата, кон личните капацитети, можностите, може да се спасиме. Во социјализмот се истакнува индивидуата, но се одзема слободата, сега ја имаме слободата, но 40 години се наоѓаме во катастрофално водство во државата. Лошото водство создава константен стрес кај индивидуата, но не кај сите. Некој сфатил дека не може да се потпре на државни лидери, на инспектори, на судство… – истакна проф. д-р Крстевски.

Според него, треба да го најдеме мирот во нас и да се свртиме кон себе, кон индивидуалните вредности, кон сопствената едукација за да ги избегнеме атаките на темнината.

– Не ретко надворешните влијанија можат да бидат исполнети со манипулација, лоши вести, погрешни насоки… Затоа треба да бидеме фокусирани кон себе и да веруваме во себе. Да се отвориме за позитивни можности, мир, природа, просперитет, едукација… – вели професор Крстевски и додава дека мора индивидуата – поединецот да се реорганизира, да се промени, бидејќи не постои систем кој може да го заштити поединецот.

Во своето обраќање, професорот Александар Нацев се осврна на Методот на планирање сценарија преку она што се случува во Украина, економската и енергетската криза.

– Вооружениот воен конфликт во Украина бил претходно планиран. Русија го почна со оправдување за враќање на териториите Доњецк и Луганск. Од друга страна, Русија ги очекуваше санкциите од Европа бидејќи знаеше како да одговори на нив. И тоа беше планирано сценарио. Меѓутоа, санкциите не ги дадоа посакуваните ефекти, бидејќи Русија не ги изгуби приходите. Последниве денови, Русија врши мобилизација на воени сили и сето ова оди по планирано сценарио – истакна професорот Нацев.

Научните трудови од Дванаесетта меѓународна научна конференција „Науката и уметноста во функција на одржливо општество“ ќе бидат објавени во меѓународното научно списание „Идеја“,  кое го издава Европски универзитет – Скопје.