Сушата и студените ноќи ги оставија печуркарите без заработка

47

Годинава ќе биде запаметена како една од најсиромашните за печуркарите во Кичевско-бродскиот регион. Во сите периоди кога  растат печурките имаше голема суша или студени ноќи што ги остави печуркарите без планираната заработка.

-Како ретко која година во изминативе две децении, годинава имавме исклучително слаб род на печурките во нашиот регион. Како природата да се завери против нас. Во летните месеци кога беше потребна поголема влага во почвата изостанаа дождовите или тие беа недоволни да го навлажнат површинскиот слој, а камоли нешто повеќе, и затоа имаше целосно потфрлање на родот. Кога се понадевавме дека есенва ќе даде Господ повеќе род, дождови имаше доста обилни, но затоа, пак, немаше доволно топлина во почвата и студените ноќи беа главната причина и во овој период печурките целосно да потфрлат, посочи Стојко Милошески, одличен познавач на оваа габа и долгогодишен откупувач на печурки.

Сите печуркари од регионот со слични искуства се пожалија на  климатските промени, што придонесоа печурката целосно да потфрли.

-Три децении сум целосно посветен на печуркарството, но како годинава  слаб род никогаш не паметам. Во изминатите пет месеци кога  растат печурките  или имавме долготрајна суша или студени ноќи. Ниту едното, ниту другото оди во прилог на оваа габа. Во еден краток период летоска имаше нешто вргањ во повисоките делови од планините, но тоа беше далеку од просечниот род. Против природата не се може, да очекуваме работите да се променат до година и да имаме побогата сезона со печурки, рече Јане Јанески, печуркар од Кичево.