Годишната реколта на тутун е намалена за 30 до 40 насто. Климатските промени, дождот во време на садење, сушата пред берба и во раст на родот, го зедоа данокот. Родот е квалитетен, но количините се малку.
– Во тек е бербата на тутунот. Иако календарски е на половина, во некои реони е при крај затоа што нема доволно количества тутун. Пролетта, и во садењето, имаше многу дождови кои предизвикаа многу болести на тутунот. Потоа го фати суша која си го направи своето и оваа година имаме одличен квалитет на тоа што е произведено, но килажата ќе биде многу помала во споредба со лани. Иако тутунот се насади на поголеми површини, сепак родот е помал – вели Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.
На намален род се жали и долгогодишниот тутунопроизводител Драге Касниоски од Големо Коњари, Прилепско. Како и лани, има 15 декари со тутун, ама производството е преполовено. Временските прилики, со дожд при садењето и жештини при растот, го намалија родот. Голем проблем е и наводнувањето.
– Лани ако од 15 декари имав три тона, годинава се околу тон и половина. Немаме вода. Хидросистемот не стигнува до нас, иако вештачкото Прилепско езеро годинава е полно. Ако сакаме да го задржиме тутунопроизводството, зашто младите не сакаат да го работат, треба државата и Министерството за земјоделство да нѝ овозможат да имаме дупчења за вода. Мора да се наводнуваат површините, зашто со овие временски промени ништо не правиме – вели Касниоски.
Сојузот на земјоделските здруженија смета на поддршка од Министерството за земјоделство и на конструктивен дијалог со откупувачите за повисока цена на тутунот, поради инфлацијата, зголемените трошоци за репроматеријалите и нискиот стандард на живот.
– Очекуваме поддршка од Министерството за земјоделство како и досега за повисоки цени на тутунот. Продолжуваме со барањето за повисоки цени на тутунот кои ќе ги следат состојбите. Тоа е важно за да ја задржиме рентабилноста на тутунопроизводството во земјава – вели претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија Стомнароски.
Годинава, со откупните претпријатија се потпишани 29.400 договори за 26.600 тони тутун.