Супер бабички и дедовци зад воланот – опасност за себе и за другите!?

74

Во Македонија согласно законската регулатива и пензионери во поодмината старост може да управуваат со автомобил. За управување со моторно возило во поодминати години јавноста е поделена. Едни се прашуваат дали лица во осумдесетите или деведесетите години од животот можат да управуваат со автомобил, да се снаоѓаат во густиот градски сообраќај, да реагираат доволно брзо кога е тоа потребно, како и да се учесници во сообраќајот без опасност за себе, но и за другите возачи.

Други пак, велат дека старите лица ако се во добра здравствена состојба не се поопасни од младите кои обично возат лудо и брзо и се попроблематични, бидејќи се помалку внимателни и имаат значително помало возачко искуство. За да старите возачи докажат дека се сигурни зад воланот и се способни, треба почесто да одат на лекарски прегледи

Во Македонија согласно законската регулатива и пензионери во поодмината старост може да управуваат со автомобил. Законот вели дека возачка дозвола од „Б“ категорија може да се добие ако лицето има наполнети 18 години. Ако лицето има над 70 години и во зависност од неговата здравствена состојба, возачката дозвола им се издава со рок на важност до денот на навршувањето на 75 години возраст.

– Минимална возраст за управување со возило за одредени категории е 16 години за управување со моторни возила од категориите: „АМ“ и „А1“ и националната категорија „Г“; 17 години за управување со возила од националната категорија „Ф“; 18 години за управување со моторно возило од „Б“ категорија; 18 години за управување со моторно возило од категориите: „А2“, „БЕ“, „Ц1“ и „Ц1Е“; 21 година за управување со моторно возило од категориите: „А“, „Ц“,„ЦЕ“, „Д1“ и „Д1Е“ и          24 години за управување со возила од категориите: „Д“, „ДЕ“ и националната категорија „Т“ – информираат од МВР.

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП), возачката дозвола се издава со рок на важење од десет години, а на лицата постари од 75 години, со рок на важење до пет години. На лицата кои во време на издавањето на возачката дозвола имаат повеќе од 70 години возраст, возачка дозвола им се издава со рок на важност до денот на навршувањето на 75 години возраст.

– По исклучок, возачка дозвола за категориите „Ц1“, „Ц1Е“, „Ц“, „ЦЕ“, „Д1“, „Д1Е“, „Д“, „ДЕ“ и „Т“ се издава со рок на важење до пет години. Рокот на важење на возачката дозвола се смета од денот на нејзиното издавање. Возачка дозвола може да се издаде или нејзината важност може да се ограничи и на рокови пократки од роковите утврдени во ЗБСП, врз основа на наодот и мислењето на здравствената установа, содржани во уверението за здравствената и психофизичката способност на лицето – велат од МВР.

ЗА И ПРОТИВ ЗАД ВОЛАН НА СТАРИ ГОДИНИ

За управување со моторно возило во поодминати години јавноста е поделена. Едни се прашуваат дали лица по 80 или 90 години од животот можат да управуваат со автомобил, да се снаоѓаат во густиот градски сообраќај, да реагираат доволно брзо кога е тоа потребно, како и да се учесници во сообраќајот без опасност за себе, но и за другите возачи.

Токму во таа насока јавноста деновиве беше вчудовидена од веста која ја објавија од МВР дека 93-годишна жена управувајќи со автомобил доживеала несреќа и била тешко повредена. Таа во автомобилот била со своето милениче и при мало невнимание изгубила контрола врз автомобилот, излетала од патот и со скршеници завршила во болница.  

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) наглaсуваат дека со годините на старите возачи им се намалуваат рефлексите, слухот и видот, побрзо им опаѓа концентрацијата, па затоа им е отежнато патувањето на подолги релации, со што се зголемува опасноста од несреќи.

– Сериозен недостаток кај старите возачи претставува можноста за навремено забележување и одржување растојание. За разлика од младите возачи, старите возачи не возат брзо, па најчесто удираат странично во друго возило на патот или на паркингот, или пак излетуваат од патот. Најголем проблем им е давањето на предност, лошо возење наназад и непрописно вклучување во сообраќај – потенцираат од РСБСП.

ПОЧЕСТИ ПРЕГЛЕДИ ЗА СТАРИТЕ ВОЗАЧИ

Други, пак, велат дека старите лица ако се во добра здравствена состојба не се поопасни од младите кои обично возат лудо и брзо и се попроблематични, бидејќи се помалку внимателни и имаат значително помало возачко искуство. За да старите возачи докажат дека се сигурни зад воланот и се способни, треба почесто да одат на лекарски прегледи. Во зависност од здравствената состојба на возачот, лекарот може да издаде и ограничување на година или две, и по истекот возачот повторно мора да дојде на преглед.

– Лекарските прегледи за старите возачи не се разликуваат од другите лекарски прегледи за останатите возачи. Возачите од повозрасната животна доба кои доаѓаат на прегледи ги прашуваме дали користат лекови што ги забавуваат нивните рефлекси. Им сугерираме редовно да прават контроли на видот ако имаат таков проблем, а ова важи и за оние со дијабетес – велат од една здравствена установа која издава лекарски уверенија за возачи.

Оттаму потенцираат дека на возачите во поодминати години им укажуваат да бидат свесни за личната одговорност и за однесувањето во сообраќајот.

– Им велиме да внимаваат и ако почувствуваат дека имаат некакви промени, веднаш да се јават на преглед. Исто така, ги потсетуваме ако не се чувствуваат добро и мислат дека им е намалена способноста да управуваат со возило, да побараат некој друг да ги вози, од семејството, со јавен превоз или такси – велат од оваа здравствена установа.

(С.Бл.)