Суперклеточни бури над Западна Европа, торнадо во Франција: Невреме се движи кон Балканот!

225
Фото: screenshot X (Twitter)

По многу високи, понекогаш дури и рекордни температури, Западна Европа сега е под влијание на силна циклонска активност од Атлантикот, со силни грмотевици, а дел од овие системи сега се движат кон Балканот.

Во последните 24 часа подрачјето од Шпанија преку Франција до Британските острови беше зафатено со силни грмежи со многу обилни врнежи од дожд.

Приливот на топла и многу влажна воздушна маса од западниот дел на Медитеранот и значително постуден воздух од север предизвикаа атмосферата да реагира многу бурно и да создаде силна бура.

Локално се формираа суперклеточни бури со град, урагански ветрови и многу обилни дождови.

Во северозападниот дел на Франција, имаше и формирање на помало торнадо. За среќа погоди ретко населени места.

Во овој момент, овој силен облачен и дождовен систем се движи поисточно над централна Европа и Алпите, носејќи обилни дождови, понекогаш и грмотевици, во овие региони.

Какво време не очекува во Македонија?

Времето денеска претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне и во текот на ноќта на места ќе има појава на пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 17, а максималната ќе достигне од 26 до 31 степен Целзиусов.

Во Скопје, како што информираат од УХМР, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми. Во текот на ноќта во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне 30 степени.

Во текот на целата седмица ќе се задржи топло време, а во попладневните часови ќе има изолирана појава на краткотраен дожд и грмежи.