Судот ќе одлучи дали Коѕијас е корумпиран, а дали Каменос е клеветник и лажго

66

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, изјави дека ќе го тужи својот некогашен колега од владата на Ципрас, ексминистерот за одбрана Панос Каменос, бидејќи го обвинил за корупција, пишува весникот „Катимерини“.

-Обвинителот ќе се позанимава со тој господин, изјави Коѕијас за грчкиот Њуз 24/7, а пренесе агенцијата Танјуг.

Коѕијас категорично ги отфрли обвинувањата од Каменос за нелегална соработка со американско-унгарскиот финансиер Џорџ Сорос, нарекувајќи го Каменос клеветник и лажго.

Во октомври минатата година Никос Коѕијас поднесе оставка од функцијата министер за надворешни работи. Првично, медиумите објавија дека станува збор за оставка поради несогласувања во коалициската влада во врска со Договорот од Преспа, особено на линија Коѕијас-Каменос, за потоа да се пишува дека Коѕијас поднел оставка поради неактивноста од Ципрас на обвинувањата од страна на Каменос на негова сметка како министер за надворешни работи, а во врска со злоупотреби на државните фондови.

Каменос на почетокот од годинава поднесе оставка од функцијата министер за одбрана, поради несогласувањата со премиерот во врска со Договорот од Преспа. Каменос по неговата оставка рече дека не постојат други разлики во грчката влада, освен кога станува збор за Договорот со Македонија.