Сугарески: Реализирани 71 процент од инвестициите во гасификацијата и 59 проценти кај патиштата

109

До крај на годината целосно ќе се реализираат инвестиците во гасификацијата кои сега достигнаа 71 процент, кај патиштата има реализација од 59 проценти, а кај станбената изградба 100 проценти, информира денеска министерот за  транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој оцени дека има добра динамика на капиталните проекти на Министерството за транспорт и врски и јавните претпријатија што се составен дел од овој ресор во сите сегменти што ги покрива државниот Буџет и дополнително инвестициите во патната инфраструктура што се надвор од Буџетот, но, посочува, и таму имаме значително голема реализација.

Сугарески очекува целосна реализација на инвестициите во гасификацијата планирани на износ од милијарда и 557 милиони денари до крај на годинава.

– Во гасификацијата досега се реализирани 71 процент или над милијарда и 105 милиони денари. Годинава го завршивме гасоводот Штип-Неготино. Во тек е изградба на гасоводот Неготино-Прилеп-Битола и гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар, на што се работи непречено и овие две магистрали очекуваме да бидат завршени следната година. Очекувам до крај на годината, целосна реализација на предвидените средства, изјави Сугарески.

Инвестициите во патната инфраструктура, како што потенцира министерот, се значително големи, иако тие не влегуваат во државниот Буџет.  Во сегментот патишта, реализирани се 59 проценти од планираните инвестиции или преку 120 милиони евра.  ЈП за државни патишта активно работи на двесетина патишта. Во октомври ќе почнат рехабилитација на уште десетина регионални патни правци, а до крајот на годината уште десетина ќе започнат со реконструкција и рехабилитација. Генерално во моментот се работи на околу 420 километри патишта низ државата или вкупна инвестиција од преку 800 милиони евра, наведе министерот за транспорт.

Во првиот квартал годинава, како што рече Сугарески, изградбата на железничката делница од Куманово до Бељаковце се одвиваше со послаба реализација, но состојбата се смени со потпишување на анекс на договорот и моментно има засилена динамика. Вкупните градежни работи се 50 проценти.

– Целосно се завршени градежните работи и на пругата од Битола до Кременица, во меѓувреме остана да се инсталира отпичкиот кабел. Во меѓувреме активно преговараме со грчкото ресорно министерство за изградба на  one stop или една заедничка железничка станица каде ќе има само едно застанување на сите возови, информира Сугарески.

Министерството за транспорт бележи 100 процентна реализација на инвестииците во станбената изградба. Почната е изградба на 110 социјални станови во Пробиштип и Неготино, а во соработка со АД за станбен и деловен простор годинава, како што најави, ќе започне градба на станови во Бутел, во Гевгелија, Виница, Пехчево, Свети Николе, Дебар, Велес, Скопје.

Во комуналната инфраструктура, пак, се работи на 27 проекти за изградба и реконструкција на водоводи и канализации во вредност од 10 милиони евра преку кредитната линија од Европската инвестициска банка. Преку таа кредитна линија во фаза на тендерирање се седум проекти што ќе стартуваат годинава. Во соработка со КФВ банката, пак, се работи на доизградба на канилизациски и водоводни линиии во Кавадарци и Радовиш, проект во вредност од над 1,5 милиони евра.

Преку Буџетот на Министерството за транспорт и врски се гради и водовод во индустриската зона Визбегово, една од најголемите барања на инвеститорите во зоната во вредност од 1,8 милиони евра. Се подготвува и тендерска постапка за проект за изградба на канализација во зоната, во вредност од седум милиони евра.