Сугарески: Над 20 милиони евра за водоводни и канализациски мрежи

51

Околу 20 милиони евра ќе бидат вложени во изградба на водоводни и канализациски мрежи во над 20 општини, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

 Околу 20 милиони евра ќе бидат вложени во изградба на водоводни и канализациски мрежи во над 20 општини, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Акцентот со новиот инвестициски циклус е ставен на руралните општини каде има само 18 проценти покриеност со водоводна и канализациска мрежа. За четири години, потенцираше Сугарески, покриеноста треба да се зголеми на 40 проценти во насока на рамномерен регионален развој и баланс меѓу урбаните центри и руралните средини.

Министерството за транспорт и врски го реализира проектот во соработка со Европската инвестициска банка, КФВ банката и Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија. – Дел од парите, се обезбедени преку функционален и поволен заем, а останатите се неповратни средства преку грант со помош на меѓународни партнери, рече Сугарески на прес-конференција.

Во сорабока со ЕИБ ќе се реализираат 18 проекти во износ од 7,4 милиони евра. По 1,5 милиони евра се одвоени за Гостивар и за Куманово, за цевковод за подобрување на водоснабдувањето, односно за нови водомери. Во канализација во прилепско Големо Коњари ќе се вложат 268.000 евра, а за секундарна фекална канализација во Короишта, Ливада и Ложани, струшко, се на располагање 456.000 евра. За водоводна мрежа во велешкото село Оризари се наманети 354.000 евра, во Липково ќе се гради пречистителна станица во вредност од милион евра, а дел од водоводната мрежа во Крива Паланка ќе се обнови со 235.000 евра. Обезбедени се 420.000 евра и за изградба на дел од фекална канализација со пречистителна станица во село Ропотово во општина Долнени, а предвидени се пари и за проекти и во Неготино, Битола, Виница, Ресен, Студеничани, Старо Нагоричане и Желино.

Со осум милиони евра, обезбедени преку КФВ банка, а од кои пет милиони евра се грант, ќе се подобрува водоснабувањето во Кавадарци, Радовиш и Гевгелија. Проект за подобар водоснабителен систем ќе се спроведува и во општина Гостивар со четири милиони евра, грант од Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија.

Како што најави министерот Сугарески, новите проекти за водоводна и канализациска мрежа треба да почнат со реализација за два до три месеци, а во меѓувреме да се спроведат соодветните постапки за јавни набавки и избор на изведувачи на активностите.

Сугарески апелираше до општините кои сеуште не ги искористиле средствата што им се на располагање преку заемот од ЕИБ, да аплицираат со свои проекти до Министерството за транспорт и врски, за да може понатаму со нив да се повлекуваат средствата од банката.