Сугарески и амбасадорот Баздникин разговарале за директна авиолинија до Руската Федерација

63

Капиталните проекти што во моментов се реализираат во Република Северна Македонија, како и планираните инвестиции во изградба на инфраструктурата во државата што ќе се реализираат во периодот што следува беа теми на средбата на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин.

-Оваа средба беше одлична можност да го запознаам амбасадорот со крупните капитални проекти што ги реализираме во нашата држава. Посебен фокус ставивме на изградбата и модернизацијата на патната мрежа на Коридор 8 и 10, процесот на гасификација на државата, како и железничкото поврзување кон Бугарија. Изградбата на железницата долж Коридорот 8 кон соседна Бугарија е од особено значење за зголемување на економската соработка со Русија, затоа што тоа овозможува железничка поврзаност и со оваа земја, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Во текот на средбата, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, исто така станало збор и за можноста за зголемување на квотите за транспортни дозволи, како и за можноста за воспоставување директна авиолинија помеѓу нашата земја и Руската Федерација.

-За потребите на македонските превозници, нашата држава е заинтересирана за зголемување на квотата на дозволи за билатерален и транзитен превоз на стока, како и на дозволите за и од трета земја, со што би се интензивирала економската соработка, истакна министерот Сугарески.

Тој нагласи дека нашата држава се наоѓа во силен инвестициски циклус што ќе продолжи и во текот на следната година и ги покани руските заинтересирани компании да се пријават на јавните повици.

На средбата министерот се заблагодари за досегашната соработка со Руската Федерација и ја нагласи потребата од одржување и продлабочување на долгогодишното пријателство.

Во таа насока, на 14-ти и 15-ти ноември во Охрид, ќе се одржи седница на Македонско-руската комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, како и Бизнис форум на кои би се разговарало за унапредување на сите видови транспорт и создавање услови за зголемена економска размена меѓу двете земји.