Сугаревски: ќе се гради над 700 километри патишта, модерни патарини и мостови

Според Сугаревски ова ќе биде економска година, досега се реализирани 50 милиони евра во изградба и реконструкција на патната мрежа во земјава. Во моментов се работи на 90 проекти за патна инфраструктура

54

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува силен раст на капиталните инвестиции во вториот и во третиот квартал годинава и уверува дека ќе имаме економска година посветена на инфраструктурата.

Изградбата на капиталните проекти се приоритет број еден за Владата. Најавиве дека оваа ќе биде економска година и се држиме до таквите изјави. Само преку ЈП за државни патишта во првиот квартал се реализирани над 50 милиони евра во изградба и реконструкција на патната мрежа во земјава. Тоа е на пример за трипати повеќе инвестиции во споредба со првиот квартал од минатата година, изјави Сугарески, при увидот на градежните работи за реконструкција на регионалниот пат Драчево – Таор.

Сугарески наведе дека моментно се работи на 90 – и на проекти за над 700 километри патишта патишта, мостови и патарини, со вкупна вредност од над 850 милиони евра.

– Засилено работиме на гасификацијата, ја интензивиравме изградбата на железницата кон Бугарија и реално очекувам втор и трет квартал да имаме силен раст на капиталните инвестиции. Ни претстои долга градежна сезона, очекуваме се што најавивме за изградба и реконструкција во инфраструктурата да реализираме за оваа година и уверен сум дека ни претстои силна економска година посветена на инфраструктурата, рече Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања, при увидот на реконструкцијата на регионалниот пат Драчево – Таор.

Тој информираше дека се завршени 50 проценти од работите за изградба на пругата кон Бугарија.

Голем дел од проблемите се надминати, се очекува анекс-договорите да се потпишат, првата делница сериозно се интензивира, за втората делница се очекува до крај на годината да се избере изведувач и да почне изградбата, а за третата од Крива Паланка до бугарска граница Министерството за финансии работи на обезбедување средства. Таму имаме 60 милиони грант средства од ИПА, согласно со роковите очекуваме да биде и динамиката, рече Сугарески, посочувајќи дека за многу бргу време очекува пуштање на автопатот Скопје Штип, ќе се интензивира работата на автопатот Кичево Охрид и ќе почне изградбата на автопатот Скопје Блаце.

Сугарески не очекува да биде сменет

Министерот за транспорт и врски не очекува да биде меѓу функционерите кои ќе бидат разрешени, како што најави неодамна премиерот Зоран Заев, но вели дека ќе ја почитува евентуалната таква одлука.
– Искрено, не очекувам. Меѓутоа ќе ја почитувам секоја одлука на премиерот врз база на неговите анализи што ги прави за мојата работа, изјави Сугарески при увидот на реконструкцијата на регионалниот пат Таор – Драчево.