Субвенција за инвертер-клима Град Скопје ќе доделува и со фискална сметка од 1 јануари 2019 – јавниот повик ќе се распише на 1 март

58

Јавниот повик кој ќе трае до 30 ноември 2019 година, односно се до исцрпување на предвидените средства за оваа намена и ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“. Ќе се прифаќаат фискални сметки за купен инвертер од 1 јануари 2019 година, граѓаните ќе може да аплицираат на јавниот повик од март, а исплатата на средствата ќе се врши по завршувањето на претстојните претседателски избори

Јавниот повик за субвенционирање на купувањето на инвертери-клими, Град Скопје ќе го распише на први март кога и ќе стартува аплицирањето за надоместување на дел од трошоците. Како што појаснија од Град Скопје, јавниот повик кој ќе трае до 30 ноември 2019 година, односно се до исцрпување на предвидените средства за оваа намена и ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“

– Ќе се прифаќаат фискални сметки за купен инвертер од 1 јануари 2019 година, граѓаните ќе може да аплицираат на јавниот повик од март, а исплатата на средствата ќе се врши по завршувањето на претстојните претседателски избори – информираат од Град Скопје.

На купувачите на инвертер-клими и на други современи уреди за затоплување Град Скопје ќе им врати половина од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

За надоместување на дел од трошоците, барателот треба да биде жител на Град Скопје и со живеалиште во некоја од скопските општини. Барателот не смее претходно да биде корисник на субвенција за затоплување на своето домаќинство, до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут, станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее.

– Да нема приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, без оглед на тоа дали го користи, како и да има платено данок на имот за станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, заклучно со 2018 година – се наведува во известувањето од Град Скопје.

Субвенционирањето на граѓаните при купување на модерен систем за затоплување е активност предвидена во мерките од Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и е дел од мерките на Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје.
(С.Бл.)