Субвенции за чистење оџаци, за купување велосипеди, електрични тротинети и електрични возила

61

Град Скопје предлага мерки за намалување на аерозагадувањето. До градските советници на седницата, закажана на 30 мај (вторник), ќе бидат ставени повеќе предлог – одлуки за доделување на субвенции.

Така, за чистење оџаци за оваа година, градот ќе дава по 1.200 денари по домаќинство. За оваа цел од буџетот на Град Скопје се обезбедени 1.000.000 денари, а граѓаните можат да аплицираат со оригинал фискална сметка дека оџакот е исчистен во периодот од 1 јануари и ќе важи до исцрпувањето на буџетот наменет за доделување на поединечна субвенција за чистење на оџаци, но не подоцна од 31.10.2023 година.

Освен тоа, граѓаните од Град Скопје ќе добијат субвенции и за купување велосипеди, електрични тротинети и електрични возила.

Максималниот износ на субвенција за купување велосипед е 4.000 денари по лице, во кој е вклучен данок на личен доход, односно вкупно 6.000.000 денари од буџетот на Град Скопје, додека за купување на електричен тротинет е 6.000 денари по лице, односно вкупно шест милиони денари од буџетот на Град Скопје. 

Граѓаните ќе добиваат и по 200.000 денари субвенција од Град Скопје за купено ново еко-возило на електричен погон за 2023 година, за што се обезбедени 5.000.000 денари.

Град Скопје, исто така, ќе доделува субвенции на скопските таксисти за вршење на автотакси превоз, во износ од  200.000 денари за купено ново еко-возило на електричен погон, но не повеќе од пет возила по правно лице купени во 2023 година, и тие ќе се исплаќаат се до исцрпување на средствата предвидени за таа намена. За таа цел се предвидени 5.000.000 денари од буџетот на Град Скопје.

(А.П.)