Субвенции за занаетчии од Чаршија за набавка на алати

96

Град Скопје објави јавен повик за субвенционирање  занаетчии во Старата скопска чаршија за набавка на потребните алати и репроматеријали за занаетите што се во изумирање. Со цел да го стимулира опстојувањето на занаетите, Градот Скопје ќе ги субвенционира занаетчиите до 80% од докажаните трошоци, но не повеќе од 50.000 денари, со вклучен ДДВ.

– Повикот ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“ и ќе трае до 20 декември годинава, а субвенционции ќе добијат само докажаните трошоци за предвидените намени настанати во периодот од 1 јануари до 20 декември 2019 година – информираат од Град Скопје.

На овој јавен повик право на учество имаат:

  • Занаетчии кои не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од други извори;
  • Занаетчиите кои се регистрирани согласно со Законот за вршење на занаетчиска дејност („Службен весник на РМ“ бр. 15/2015) и кои вршат занаетчиски дејности во изумирање (кројач, јорганџија, ташнар, опинчар, јажар, бојаџија, столар, крзнар, папуџија, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, сарач, саатчија, чевлар, стаклорезач, пекар, фотограф, бравар, производство на бижутерија, домашна ракотворба и самарџија);
  • Регистрирани занаетчии кои имаат сопствен дуќан или под закуп лоциран во Стара скопска чаршија, кои при поднесување на барање до Град Скопје за субвенции за набавка на потребните алати и репроматеријали на занаетчиите на подрачјето на Старата скопска чаршија за 2019 година, ќе поднесат фактура или фискална сметка за набавените алати и репроматеријали;
  • Намирени обврски кон државата и вработените;
  • Започнале со работење најмалку 1 (една) година пред објавувањето на јавниот повик (регистрација/упис во Регистарот на занаетчии).

Јавниот повик е објавен и на веб-страницата www.skopje.gov.mk и доколку се исцрпат предвидените финансиски средства, Град Скопје ќе го објави завршувањето на јавниот повик на својата веб-страница.