Студентскиот дом „Стив Наумов“ оставен без парно греење

61

Во средата станарите на студентскиот дом „Стив Наумов“, на овие ниски температури беа оставени без парно греење. Системот за греење откажал поради пукање на цевките, по што вода се разлевала низ ходниците на студентскиот дом, а студентите смрзнуваа цела ноќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека студентските домови се руина, а студентите се оставени сами на себе да живеат во нехуманите услови.

– Не само што состојбата не се подобрува туку условите никогаш не биле полоши. Мувлосана храна, ладна вода за капење, без струја, без греење, ужасни санитарни јазли, расипани лифтови и тон ѓубре се слика од секојдневието во студентските домови, обвини Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата во јуни годинава донесе одлука за итна реконструкција на „Стив Наумов“. Манасиевски вели дека на директорот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски, му требале четири месеци да изработи техничка документација за санација.

– Шест месеци подоцна повторно прашуваме: До каде се новите лифтови, до каде е решението за новите тоалети, до каде е репарацијата на покровот на „Стив Наумов“? До каде е обезбедувањето на човечки услови во домовите, праша Манасиевски.

Инаку, зградите 1 и 2 во „Стив Наумов“ наскоро ќе добијат темелно реновирање. Во тек е јавниот повик за изработка на техничка документација за санација и замена на дотраените материјали. Според повикот, техничката документација треба да има планиран лифт во двете згради, решение за замена на подовите, прозорите, вратите, реконструкција на тоалетите, репарација на крововите, поставување на видео надзор како и вградување на системи за против пожарна заштита.