Струјата поскапува во просек за 7,4 отсто за 98,8 отсто од домаќинствата

494

Струјата поскапува во просек за 7,4 отсто за 98,8 отсто од домаќинствата. Доколку не беа блок тарифите поскапувањето ќе беше за 17,74 отсто. Евтината тарифа останува  од 22 часот до 7 часот и во недела, а цената ќе се плаќа врз основа на разлика помеѓу старата и новата цена. Во сметките граѓаните ќе добиваат колку е цената на струјата и колку е мрежарината, односно збир од активната енергија и користењето мрежа

– Во зависност од блоковите, во зима 59,9 отсто од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,6 проценти, додека 35,5 отсто ќе имаат зголемени сметки од 6,6 до 8,8 отсто, 3,4 проценти од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8 до 11,2 отсто и само 1,2 отсто од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4 до 99,5 отсто. Во летниот период, во зависност од блоковите, 77,2 отсто од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,7 проценти, додека 21,8 отсто ќе имаат зголемени сметки од 6,7 до 8,8 отсто. Само 0,7 проценти од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8 до 11,3 отсто и 0,2 отсто од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4 до 100 отсто, објасни Бислимовски.

Тој соопшти и дека енергетските компании побарале значителни зголемувања на тарифите за нивните услуги, но Регулаторната комисија за енергетика не ги прифатила сите нивни барања и одобрила многу помали проценти.

– Трошоците за набавка на електрична енергија на ЕВН ХОМЕ на годишно ниво се зголемени за 57,4 милиони евра, во однос на планираното од декември 2021 година, заради враќањето на голем број компании и јавни институции од либерализираниот на регулираниот пазар на електрична енергија, заради што ЕВН ХОМЕ мораше да направи дополнителен увоз на електрична енергија во износ од 33,2 милиона евра. Со укинување на кризната состојба, ЕВН ХОМЕ има и дополнителен трошок за обновливи извори за енергија во износ од 9,5 милиони евра. Дополнително, новата цена на електрична енергија што ЕСМ му ја испорачува на ЕВН ХОМЕ е зголемена за 17 отсто, од 41 евра за мегават-час на 48 евра, рече Бислимовски.

Тој изрази благодарност до АД ЕСМ, кој презема обврска да целосно да ги покрие потребите за овие шест месеци по цена од 48 евра за мегават-час. ЕСМ, исто така, презема обврска да ги покрие загубите на електрична енергија по цена од 143 евра за мегават-час што е за над два пати помалку од моменталната цена на берзите, која изнесува 360 евра за мегават-час.

Во креирањето на цената на електричната енергија, најголемо учество, од околу 40 отсто, има домашното производство на струјата кое е во надлежност на ЕСМ. Во формирањето на крајната цена влегуваат и трошоците на „ЕВН хоум“ и „Електродистрибуција“, како и на државните компании – Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО) и Македонски електропреносен систем оператор (МЕПСО).

Тарифите во новиот тарифен систем, кој беше објавен пред еден месец и кој претрпе одредени измени, а границите на тарифите се од 0 до 210 киловати потрошени во високата тарифа за 30 дена, втората блок тарифа е до 630 киловати, а третата до 1.050 киловати.

(А.С.)