Струмица бара намалување на стапката на ДДВ за гасот од 18 на 5 проценти

22

Општина Струмица поднесе барање за намалување на стапката на ДДВ за гасот од 18 на пет проценти. За градоначалникот Коста Јаневски, решавањето на проблемот со аерозагадувањето во кое во најголем дел учествува затоплувањето на домовите со различни енергенси, е преку гасификација и понатамошно проширување на гасоводната мрежа.

– Ние направивме и акционен план, дадовме конкретни предлози до Владата кои би требало овој енергенс да го направат поефтин за да може нашите граѓани да се приклучуваат. Предложивме ДДВ на гасот да се намали од 18 на пет проценти и има расположение тоа да се направи, потоа да се субвенционираат горилници и приклучни елементи и според мене, тоа е реалниот начин на кој треба овој проблем да се решава, како и со проширувањето на мрежата за гасификација – смета Јаневски.

Општина Струмица и досега го субвенционира секој приклучок на гасоводната мрежа со 100 евра, а Советот изгласа мерка со која идните инвеститори на згради и домови ако се одлучат да изградат зелени покриви и фасади ќе имаат намалување од осум проценти од комуналните давачки.

ЈП „Струмица гас“ аплицираше до Светска банка за кредит во висина од околу 26 милиони денари за проширување на гасоводната мрежа во должина од седум километри. Инаку, досега во Струмица, која е гасифицирана од 2012 година, е изградена гасоводна мрежа во должина од 33 километри.