Странците ги јадат најубавите македонски домати, а ние купуваме увезени од Албанија

На пазарот веќе ретко може да се најде вкусен домашен патлиџан. Најголем дел од доматите и краставиците што се продаваат се од увоз. И потрошувачите реагираат дека увозниот  зеленчук, кој се продава на зелените пазари, не е со ист квалитет како домашниот. Велат дека увозните домати не се вкусни, а краставиците мирисаат на хемикалии

279

Зелените пазари се преплавени од увозни домати и краставици од Албанија, Грција и од Турција. Овој проблем, на кој укажуваат земјоделците последниве години, никако да се реши. Тие бараат намалување на увозот на земјоделските производи кои се произведуваат во државата со цел да се заштити домашното производство. И потрошувачите реагираат дека увозниот зеленчук, кој се продава на зелените пазари, не е со ист квалитет како домашниот. Велат дека увозните домати имаат многу жили и не се вкусни, а краставиците мирисаат на хемикалии.

– На пазарот веќе ретко може да се најде вкусен домашен патлиџан. Најголем дел од доматите и краставиците што се продаваат се од увоз. И покрај тоа што некои од продавачите велат дека продаваат кочански или струмички домати, не е точно. Јас знам дека им се од увоз, инаку не би имало логика продажната цена да им е колку набавната. Сè што е под 100 денари за килограм е со сомнителен квалитет и има жили, не за џабе овие се поскапи за 40 до 50 денари за килограм. И сами може да се уверите ако купите половина килограм од тој евтиниот и од овој од 120 денари, ќе видите која е разликата – вели една продавачка на Зелен пазар.

Цената на доматите се движи од 80 до 130 денари, а на краставиците од 40 до 60 денари за килограм, а последниве денови им е качена бидејќи има извоз.

И купувачите се согласуваат дека вкусот на доматите и на краставиците не е ист како порано. На шега велат дека со короната, можеби, им се измениле мирисот и вкусот, ама, сепак, домашниот јабучар го препознаваат и по надворешниот изглед.

– На пазарот, понудата на домати е разновидна, со различна боја и големина. Доматите претежно се кочански и струмички и ги има буквално во сите нијанси на црвена, меѓутоа внатрешноста на сите им е иста, зелена со жили. И краставиците, исто така, мирисаат на хемикалии, мислиш дека си ги миел со сапун – коментираат некои од купувачите на Зелен пазар.

Земјоделците велат дека зголемениот увоз на земјоделски производи последниве години придонел да се намалат површините со градинарски култури, а со тоа и нивната понуда и дека на пазарите сè поретко може да се купат вкусни домашни домати и краставици.

 – Најголем дел од зеленчукот што се продава на пазарите е од увоз од Грција, Турција и од Албанија. Последниве години, поради големиот увоз на земјоделски производи, домашното производство е намалено. И многу од земјоделците се откажаа од одгледувањето градинарски култури поради ниските цени. И јас го намалив производството на домати и на краставици и сега поголем дел од површините ми се насадени со блитва, спанаќ, кромид, лук и со магдонос – вели Ацо, земјоделец од Скопско кој држи тезга на Зелен пазар.

Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикати од Струмица, вели дека најмногу профитираат трговците. Има голема разлика меѓу цените по кои ги продаваат тие земјоделските производи и онаа што ја плаќаат граѓаните. И тој вели дека има увоз од Албанија и на пазар веќе не се знае што и по која цена се продава.

– Со скапата нафта, спроведувањето на агротехничките мерки, драстично зголемената цена на ѓубривата, потоа со вкалкулираниот трошок за вода и за работна сила, откупната цена на доматите од 50 и 60 денари е ниска. А и краставиците се откупуваа по 10 денари, сега поради извозот, им се качи цената на 20 до 30 денари за килограм – вели Велков.

И албанскиот Институт за статистика објави дека во првите три месеци од годинава, споредено со истиот период минатата година, за повеќе од двапати е зголемен албанскиот извоз во Македонија. Најмногу се извезуваат земјоделски производи – домати, краставици, свежо овошје…

(А.С.)