Сто дваесет илјади посетители дојдоа на дружба со диносаурусите

100

Сто дваесет илјади посетители дојдоа на дружење со диносаурусите во Дино паркот за само три ипол месеци откако ги отвори вратите оваа скопска атракција за љубителите на овие праисториски животни од земјава и странство.

– Нашиот тематски парк каде што имате уникатна можност да се вратите во праисторијата и одблизу да ги видите диносаурусите е вистинска атракција за посетителите од државата, но и од странство – информираат од ЗОО-Скопје.

Паркот нуди можност за сите што сакаат да се впуштат во нови и возбудливи авантури, да дознаат за неверојатниот свет на диносаурусите и да се сретнат очи в очи со застрашувачкиот Т-Рекс, големиот, мирољубив трицератопс, а посетителите во природна големина ќе можат да видат и тираносаурус, стегосаурус, алосаурус, како и поставки со мали диносауруси.

Ваквите тематски паркови се светска туристичка атракција и покрај едукација нудат и забава, особено за најмалите. Диносаурусите имаат синхронизирани движења, дишење, трепкање и испуштаат звуци, со што посетителите можат да ги почувствуваат со сите сетила овие праисториски животни.

– Кога ќе ги пуштите ефектите на сите диносауруси тогаш, а не да плаќаме карти за да работат само 2-3. Инаку возбудата кај децата премина во разочарување по посетата – коментира Александра Ицковска.

Експонатите се работени во Кина, а потоа во делови се пренесени во Македонија. Тие им се на дофат на децата кои ги галат, ги допираат шилестите заби и долгите нокти на диносаурусите, поради што од Зоолошка се плашат дека може да дојде до нивно оштетување. Затоа апелираат до родителите да реагираат кога нивните деца се однесуваат непримерно. Поради тоа, планираат во најскоро време да постават обезбедување со цел да се спречат евентуалните оштетувања.

Дружењето со диносаурусите чини 50 денари, а влезницата може да се купи на билетарницата од страна на Градски парк, каде што е и влезот во Дино паркот од 9 до 20 часот.

Вложувањата во Зоолошката градина и Дино паркот се меѓу проектите што најмногу им се допаднале на скопјани изминативе години. На анкетата што ја спроведе Агенцијата Рејтинг, тие се најдоа рамо до рамо заедно со проектите: изградбата на нови велопатеки, уредувањето на кејот на Вардар, реконструкцијата на Универзална сала.

(С.Бл.)