Бугарија ги користи сите средства за непрекинато да врши притисок врз Македонците во Албанија во врска со изјаснувањето на пописот кој е во тек. Претседател на бугарската фондација Македонија, Виктор Стојанов упати отворена закана до Македонците од Пустец, Албанија дека доколку не се изјаснат како Бугари на албанскиот попис ќе им бидат одземени бугарските пасоши.
„До сите жители на Пустец, ако не се пишете како етнички Бугари на пописот, ќе ви се одземат пасошите, а ако сте во процедура за пасош ќе биде прекината. Веќе имаме еден таков случај. Размислете, напиша Стојанов на својот фејсбук-профил.
Фондацијата преку бугарски активисти, невладини организации, претставници на бугарската власт, како и преку бугарскиот амбасадор во пресрет и по започувањето на пописот беа многу активни меѓу Македонците во Албанија обидувајќи се да ги убедат дека се Бугари. Се ветуваат пасоши, стипендии, бесплатно школување во Бугарија, работа, се нудат таблети телефони, се отвораат неделни училишта на бугарски јазик, се нудат бесплатни медицински прегледи…