Стопанска комора нуди решение: Закупците да одлучат дали им треба комора

20

Пазарџиите не се задоволни со едногодишното одложување на примената на Законот за трговија на зелените пазари туку бараат негово целосно укинување. Ако властите не им го одоброволат нивното ултимативно барање, се закануваат со генерален штрајк во сите зелени пазари низ земјава.

Можно е пазарџиите до Уставниот суд да побараат преиспитување на уставноста на законот, од причина што не е дозволено некому да му се ограничува правото на работа, како и дека беше донесен по скратена постапка и без консултација со сите засегнати страни.

– Одлуката да се одложи примената на законот за една година е донесена токму со таа цел, преку заеднички преговори во меѓувреме да се изготви подобрено решение на задоволство на сите засегнати страни – велат од Министерството за економија. Тезгаџиите најмногу реагираат на фактот дека со новиот Закон се бара да плаќаат лиценци од 60 евра годишно, а за пензионерите беше забрането да закупуваат тезги на зелените пазари.

Од Сојузот на стопански комори, предлагаат решение прифатливо за сите.

– Формирањето комора на тезгаџии да не се регулира со Законот за трговија на зелени пазари, а трговците поединци, пензионерите, лицата со договор на дело и вработените да се вратат во законското решение, да им се дозволи да продаваат на пазар – смета Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора.

Таа најави иницијатива за отворање широка јавна дебата по ова прашање доколку тоа не го сторат институциите.

– Станува збор за специфична категорија работодавачи кои не остваруваат толку големи примања за да имаат дополнителни трошоци. Регулирањето на нивното работење е веќе видливо низ институциите на системот и дополнително не треба да се оптоваруваат. Сепак, закупците на тезги треба да одлучат дали им треба комора и како да се формира. Ако имаат интерес за комора, таа може да се формира и надвор од Законот – истакна Михајловска Василевска.

Од СКМ сметаат дека се потребни сериозни измени во Законот за трговија на зелени пазари што би подразбирало регулирање на тоа кој се може да продава на пазарите.

Министерот за економија, Красник Бектеши, смета дека преку преговори со сите страни ќе се стигне со соодветен закон за пазари.