Лидерот на Северноатлантската алијанса ја коментираше одлуката за распоредување на неколку илјади американски војници во Германија, Полска и Романија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја поздрави одлуката на САД да распоредат дополнителни сили во Германија, Полска и Романија во време на зголемени тензии со Москва поради акумулацијата на руски војници на границите на Украина, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Ова е силен сигнал за посветеноста на САД и доаѓа заедно со другите неодамнешни придонеси на САД за нашата заедничка безбедност, вклучително и 8.500 војници во борбена готовност како придонес на силите за одговор на НАТО, како и ударната група на американскиот носач на авиони Хари С. Труман, која е под команда на НАТО во Медитеранот, изјави Столтенберг.
Јасна порака
Тој додаде дека распоредувањето на силите на НАТО е одбранбено и пропорционално и дека испраќа јасна порака дека Алијансата ќе направи сѐ што е потребно за да ги заштити и одбрани сите сојузници. Американскиот претседател, Џозеф Бајден, во средата го одобри распоредувањето на 2.000 американски војници во Полска и Германија, додека 1.000 војници ќе бидат префрлени од Германија во Романија. Ројтерс, исто така, објави дека американскиот лидер наредил да бидат распоредени 3.000 војници за да им помогнат на европските сојузници, објави претходно Волстрит журнал.