Столтенберг: Очекувам сите сојузници да го потпишаат Протоколот за Македонија

58

Очекувам сите 29 сојузници да го потпишат протоколот за пристапување на земјата во Северноатлантската алијанса, по што Скопје ќе учествува на два состаноци на НАТО како гостин, изјави вчера генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

– Откако сите 29 сојузници ќе го ратификуваат протоколот, ќе ја поздравиме Република Северна Македонија како 30-ти член на НАТО, рече Столтенберг на заедничката конференција со романскиот претседател  Клаус Јоханис во Романија, по состанокот на европските министри за одбрана во Букурешт.

Тој истакна дека пристапот на Македонија во Северноатлантската алијанса ќе ги зајакне мирот и стабилноста во регионот и во Европа. Столтенберг и Јоханис меѓу другото разговарале и за континуираната посветеност на политиката на отворени врати на НАТО и им честита на Скопје и Атина, на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за нивната храброст и силното лидерство за решавање на спорот со името.
Согласно процедурата, Протоколот најпрво треба да го потпишаат постојаните претставници на земјите во НАТО. Откако Протоколот ќе биде формално потпишан, оди на одобрување и ратификација во парламентите на 29-те земји-членки на НАТО.

Бугарија прва го потпиша Протоколот, а потоа тоа го напрваи и Берлин. Германската Влада вчера соопшти дека влезот на земјава во НАТО ќе даде важен придонес за безбедноста во евроатлантскиот простор, а исто така ќе обезбеди и важен импулс за натамошна стабилизација на регионот на Западниот Балкан. Берлин ќе се залага за брзо усвојување на Протоколот, со цел формалното пристапување да може да се случи до крајот на следниот месец.

-Пристапувањето исто така ќе даде голем придонес кон унапредување на вредностите на трансатлантската заедница. Изминатите години Северна Македонија амбициозно го реформира безбедносниот сектор и направи голем прогрес во областите на владеењето на правото и демократијата. Македонската Влада се заложи дека ќе продолжи со спроведувањето на реформите, се наведува вп соопштението од Владата во Берлин.