Столтенберг: НАТО може да се потпре на Македонија, ги цениме вашите придонеси кон Алијансата

22
Фото: П.Стојановски

НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија на НАТО, навистина многу ве цениме вас и вашите придонеси кон Алијансата, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

„Вие придонесувате кон безбедноста и стабилноста на Западен Балкан преку нашите мировни мисии со КФОР во Косово. Решени сте да дојдете до 2 проценти од БДП потрошени за одбрана до следната година, а Северна Македонија силно ја осуди руската војна против Украина. Навистина ве цениме, вие сте ценет сојузник и ги цениме вашите придонеси кон Алијансата“, рече Столтенберг.

Сите сме свесни колку напреднавме откако станавме членка на НАТО, вели премиерот Ковачевски.

„За тоа говорат бројките за странски инвестиции, бројот на невработени, на растот на платата. Европскиот пат е вистинскиот пат, како што беше интеграцијата во НАТО. Нашата земја заслужува да биде членка“, рече Ковачевски.

Билатералната средба со Столтенберг е уште една потврда за повеќедимензионалните придобивки од членството во НАТО – ја делиме масата за одлучување заедно со најнапредните земји во светот и заеднички го чуваме светскиот мир на безмалку една милијарда луѓе кои ги живеат воспоставените демократски вредности на цивилизираниот свет.