Стејт департментот потврди дека во Советот за Безбедност ќе стави вето на приемот на Палестина во Обединетите нации

48

Заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, потврди дека Вашингтон ќе стави вето на вечерашното гласање во Советот за безбедност на Обединетите нации за барањето на Палестина за полноправно членство во Светската организација.

Пател за време на брифингот со новинарите рече дека нема консензус меѓу членовите на комитетот за тоа дали Палестинците ги исполниле критериумите неопходни за да се дефинираат како држава и нагласи дека палестинската управа „треба да помине низ значајни реформи за да може да ги преземе државните одговорности”.

Администрацијата на претседателот Џозеф Бајден долго време се спротивставува на палестинските напори за еднострано обезбедување државност во ОН, тврдејќи дека целта треба да се постигне преку директни преговори со Израел.

„Тајмс оф Израел“ објави дека американските власти заклучиле дека палестинските напори во ОН им штетат на напорите на организацијата да постигне решение за две држави преку поширока регионална иницијатива која би започнала со договор за заложници, проследено со траен крај на војната. Арапско учество во обновата на Газа со помош на реформирана палестинска самоуправа, како и нормализација на односите на Саудиска Арабија со Израел и зајакнат блискоисточен фронт против Иран.

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе гласа за кандидатурата на Палестина за полноправно членство во ОН, а расправата за ова прашање се очекува да започне во 15 часот по локално време, односно во 21 часот.

За усвојување на резолуцијата потребни се девет гласа „за“, со услов ниту една од петте постојани членки (САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина) да не гласа против.

Доколку ја добие поддршката од Советот за безбедност, на Палестина ќе и треба поддршка и од две третини од Генералното собрание на ОН за да стане полноправна членка, пренесува Танјуг.