Стејт департментот до Приштина: Вознемирени сме, уште нема правда

65

Стејт департментот ги повика лидерите на Косово да не ги менуваат овластувањата и јурисдикцијата на законот за Специјалниот суд за злосторства на поранешната УЧК. Во соопштението се наведува дека САД се „длабоко вознемирени“ од последните обиди на косовското собрание да го поништи законот за Специјалниот суд за злосторства против човечноста, воените и другите тешки злосторства извршени на Косово во периодот од 1998 до 2000 година.

„Ние им аплаудиравме на политичките лидери на Косово кога го усвоија законот и уставните амандмани во 2015 година кога беше основан судот. Сега силно ги повикуваме актуелните политички лидери и пратениците на косовското собрание да не го расипуваат тоа достигнување ставајќи го надвор од сила законот за Специјалниот суд, сега или во иднина“, се истакнува во соопштението.

Стејт департментот потсети на изјавата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон дека потрагата по правдата на Балканот сѐ уште не е завршена и дека САД остануваат посветени на поддршката на правдата.

Соопштението на Стејт департментот следи по соопштението на американската амбасада во Приштина во кое се истакнува дека „грешат оние (косовски лидери) кои тврдат дека укинувањето на Специјалниот суд нема да ги наруши меѓународните односи на Косово“.

Претседателството на косовското собрание се обиде на 22 декември во два наврати да донесе одлука за свикување вонредна седница на собранието на Косово на која требаше да биде укинат законот за Специјалниот суд за злосторствата на УЧК.