Стефоска: Врвен приоритет ќе биде заштитата на културното наследство

114

Министерката за култура потсети и на проблемот со задоцнетите плати во културата, за кој додава дека се реши и се решава со сите надлежни служби во Министерството. Што се однесува, пак, до Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата, посочи дека интензивно се работи на усовршување на критериумите за апликација и за вреднување на проектите и програмите. Стефоска посочи и дека со Град Скопје соработуваат за ревитализација на централното градско подрачје по штетите предизвикани од проектот „Скопје 2014“…

„Заштитата на културното наследство како национална меморија е приоритет на секоја одговорна Влада, па така, како министерка, велам дека врвен приоритет на мојот министерски кабинет е суштинска грижа за недвижното, движното и нематеријaлното наследство. Зборуваме за непроценливо богатство што како амалгам од соништата на сите наши предци е живата врска со нашата современост. Одговорни сме пред предците, кон нас самите, кон идните генерации и кон светот“, посочи новата министерка за култура Ирена Стефоска на нејзината прва прес-конференција на оваа позиција која се одржа во Министерството за култура.

Таа истакна дека заштитата на културното наследство е и едно од клучните барања на ЕУ кон нашата земја и дека нејзина прва задача како министерка е да овозможи воспоставување ефикасен систем за заштита на културното наследство и раскрстување со вандалскиот однос кон него.

Министерката во овој контекст ги спомена црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче кои, како што истакна, се загрозени културни добра од светско и национално значење, а кои и покрај ужасната состојба во која се наоѓаат досега не биле прогласени за културни добра во опасност иако Законот за заштита на кулурното наследство тоа го наложува. „Таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот“, додаде таа, посочувајќи дека се започнати активности за оваа иницијатива, а од надлежните институции побарани се податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново. Стефоска побарала и листа на споменици од НОБ, на територијата на целата земја, кои лично сака да ги посети за да види во каква состојба се наоѓаат.

Клучниот документ што ќе ја дефинира нејзината мисија во културата, како што рече Стефоска, е Националната стратегија за развој на култура за периодот 2018 – 2022 година, која беше изгласана во Парламентот без ниеден глас против и со премолчен консензус од опозицијата. „Ова подразбира обезбедување и осовременување на условите за работа на институциите, на независната сцена и на поединците“, додаде таа.

Таа ги спомена и обврски кон УНЕСКО, за Охрид и Охридскиот Регион. „З’ш едно је, вредно је, наше је, светско је! Да потсетам, токму јас, како поранешна претседателка на Комисијата за култура во Собранието, бев иницијатор за организирање Надзорна расправа (клучниот инструмент на Собранието) за Охридскиот Регион, од која произлегоа 22 заклучоци“, рече Стефоска посочувајќи дека во рамките, пак, на Програмата за прославување на јубилеи на еминентни личности за периодот 2020 – 2021 на 40. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО се потврдени два јубилеја предложени од нашата држава. „Заедно со УНЕСКО годинава се сеќаваме на 50-годинишнината од смртта на Параскеви Кирјази, која претседавала со Советот за кодификација на албанскиот јазик во 1908 година во Битола, а следната УНЕСКО се придружува кон големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на македонскиот јазик и книжевност, Блаже Конески“, посочи Стефоска.

Новата министерка рече дека ја чека огромна работа. „Подготовка на акциски план најпрво во заштитата. Поради дводецениската системска негрижа (парцијално се постапувало), се соочуваме со незавидни кадровски, инфраструктурни, логистички и други проблеми во сите институции одговорни за заштитата, со застарен и неефикасен нормативен и организациски модел“, рече Стефоска и додаде дека со Град Скопје соработуваат и за ревитализација на централното градско подрачје по штетите предизвикани од проектот „Скопје 2014“, а според програмата на Владата за оваа цел се планира распишување меѓународен конкурс.

Во контекст на интегрирањето на Македонија во ЕУ рече дека во рамки на пристапните преговори напорно ќе се работи за успешно да се отвори и да се затвори Поглавјето 26 што се однесува на културата.

Што се однесува, пак, до Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата, посочи дека интензивно се работи на усовршување на критериумите за апликација и за вреднување на проектите и програмите. „Во оваа смисла од исклучителна важност е во Собранието што побрзо да се донесе новиот Закон за јавен интерес во културата, во кој, меѓу останатото се менува и моделот на финансирање во културата“, истакна таа.

Таа потсети и на проблемот со задоцнетите плати во културата, за кој јавноста неодамна беше информирана. „Проблемот се реши и се решава со макотрпна, деноноќна работа на сите надлежни служби во Министерството. Во оваа прилика сакам да потсетам дека по 15 години се потпиша нов Колективен договорво културата, кој секако има простор уште да се усовршува, а со тоа и работничките права во културата, за што секогаш ќе се залагам. За таа цел, вчера формирав работна група од најдобрите специјалисти во земјава кои со претставници на синдикатите и службите во Министерството, во разумен рок ќе ги преиспитаат евентуалните правни недоследности на Колективниот договор“, додаде таа.

Стефоска на крај на пресот се заблагодари на сите јазици кои се зборуваат во нашата земја и најави транспарентен и одговорен однос, посочувајќи дека ѝ е совршено јасно дека ние, како држава, единственото нешто со што располагаме и со што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст е токму културата. (Н.И.Т.)