Македонската фудбалска репрезентација ќе дебитира за точно три дена на Европското првенство со мечот против Австрија во Букурешт, а полека сите селекции, како и нашите противници во групата Ц, се подготвуваат за почетокот на големиот спортски настан на Стариот континент.

Заменик капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски, за дневниот весник ВЕЧЕР, откри дека феноменалната победа над Германија (1:2) среде Дуизбург е веќе заборавена и фокусот е ставен на претстојните мечеви од групната фаза на ЕП. Десниот бек на Динамо Загреб, исто така, направи разлика помеѓу клупските и репрезентативните обврски, како и тоа кој е лидер меѓу соиграчите во националниот дрес.

Во група сме со еден изразит фаворит (Холандија) и две селекции со кои можеме достојно да се носиме и преку кои ќе бркаме што подобри резултати за пласман во следната фаза. Кои се твоите очекувања од ЕП кога е во прашање пласманот на Македонија?

  • Од оваа гледна точка е тешко да се зборува за пласман на нашата селекција на Европското првенство. Првпат сме на Европско првенство, првпат играме вакви сериозни натпревари со одлични селекции, така што најдобро е да одиме меч по меч. Не сакам да предвидувам, нормално, се надевам на што повисок пласман, како секој навивач и како секој репрезентативец. Одиме да победуваме, но зависи од целокупната ситуација. Се надевам на добар пласман, но не сакам премногу да летам во облаци. Знам дека победата над Германија ни даде поттик сите да се надеваме на висок пласман, но верувајте, не е така. Ова се сериозни селекции, треба да влеземе со ладни глави на секој дуел и да се надеваме на позитивни резултати на ЕП.

Дали чувствувате притисок пред големиот спортски настан и како успевате сето тоа да го рефлектирате на тренинзите?

  • Притисок немаме, но кај репрезентативните колеги можам да забележам голема желба на самите тренинзи, борба за секој дуел, се влегува цврсто, силно, и тоа ме радува. Како што се доближуваат натпреварите, ќе придонесуваме со искуството. Овие фудбалери играат во сериозни лиги и секојдневно се носат со вакви натпревари, така што сметам дека исто ќе се покажеме и на ЕП.

Колку присуството на искусниот Горан Пандев придонесува за играта на зелениот терен?

  • Горан со самото присуство на теренот, не само во репрезентацијата туку и во клубот, има големо значење. Фигуративно, со неговиот настап ни дава поттик и пример како да се развие играта на самиот натпревар. Тој и да не игра, ни дава голем поттик да го дадеме максимумот на теренот.

Кој Ваш репрезентативен колега чувствувате дека ќе блесне на ЕП? 

  • Од сите. Оваа селекција секогаш ја красел колективот. Имаме индивидуалци како Елиф Елмас, Енис Барди, како Езгијан Алиоски, кои се носители на нашата игра.

Кој е главен фаворит за титулата на ЕП и зошто?

  • Не сум размислувал кој би можел да дојде до трофејот, или пак кој може да помине групна фаза. Ќе биде исклучително изненадувачко првенство, сигурно нема да поминат сите фаворити.

Ќе може ли да ни направите споредба околу тимските и репрезентативните обврски и цели, како и врската меѓу играчите и селекторот?

  • Има голема разлика. Тука, сепак, играш за својата држава. Ја претставуваш својата земја, со самото облекување на националниот дрес треба да си им пример на помладите, доаѓаат нови млади играчи. Тука емоциите владеат многу повеќе за разлика од клупските обврски. Македонија првпат се соочува со едно вакво големо натпреварување и гледам кај моите репрезентативни соиграчи дека имаат голема желба да дадеме се од себе за што подобри резултати. Се знаеме многу добро и да чукнам во дрво ќе бидеме сите здрави и ќе ги одиграме сите натпревари на едно високо ниво.

ФОТО: Петр Стојановски

Кристијан ТРАЈКОВСКИ