Стефан Миленковиќ најави атрактивен концерт на “Охридско лето“: Ќе има од сè по малку, летно но квалитетно!

172

Големиот виртуоз на виолина со светско реноме, Стефан Миленковиќ од Србија вечерва (23 јули) во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ заедно со неговиот колега, реномираниот пијанист Владимир Милошевиќ. Миленковиќ, како што рече, има прекрасни спомени од детството и многу пријатели во градот Охрид, а за концертот што ќе го одржи истакна дека станува збор за добро одбрана, летна, но квалитетна програма

Светски познатиот виолинист прогласен за уметник на векот, Стефан Миленковиќ, од Србија, не го крие задоволството што е повторно во Охрид, каде, вечерва (23 јули) во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“, заедно со неговиот колега, реномираниот пијанист Владимир Милошевиќ. Тој, како што рече, има прекрасни спомени од детството и многу пријатели во градот Охрид, а за концертот што ќе го одржи истакна дека станува збор за добро одбрана, летна, но квалитетна програма.

„Се надеваме дека концертот ќе и се допадне на публиката бидејќи се работи за атрактивна програма. Ќе има од сè по малку. Сите дела со кои ќе настапиме се многу важни. Ќе почнеме со бетовеновата Соната број 1, неговата прва соната со многу енергија, ремек дело зашто тој не објавувал ништо што не е совршено подготвено.

Потоа ќе има еден балет, „Бакнежот на самовилата“ од Игор Стравински. Од него е направена свита во кусо издание од 20-тина минути. Во вториот дел започнуваме со македонска премиера, дела на италијанскиот композитор Никола Кампогранде со едно дело што го напишал по примерок на Паганини, поточно инпирирано од Паганини, а изведено на современ начин на виолина и пијано“, открива Миленковиќ.

Тој исто така додаде дека ќе следува и делото „Легенда“ од полскиот композитор Хенрик Виењавски, а на крајот ќе биде отсвирен и валц-скерцо од Петар Илич-Чајковски. Тој сепак, не откри какво изненадување подготвува за публиката која ќе го следи нивниот настап.

Неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ, за првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“, но како што вели, редовно го следи преку интернет.

“’Охридско лето’ е еден од најзначајните фестивали во овој дел од Европа, и токму поради тоа, голема е честа да се настапи овде. Секоја година ја следам програмата преку интернет, и се радувам што има одлични концерти и фантастични уметници“, рече Милошевиќ.

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, пак, за Миленковиќ истакна дека е миленик на сите генерации кој секогаш на публиката и приредува концерти за паметење.

Концерти исполнети до последно место

Стефан Миленковиќ во Србија ги носи титулите за „Уметник на векот“, „Најхумана личност“, „Личност на годината“ и е еден од најпознатите уметници кој гради кариера на сцените во светот. Како еден од најталентираните уметници од овие простори, тој повеќе пати настапува на најпрестижните концертни подиуми во светот, солистички или со бројни оркестри под диригентските палки на Сер Невил Маринер, Лорин Мазел, Владиимир Федосејев и Даниел Орен.

„Убедена сум дека концертот ќе се запише во листата најдобри во фестивалската историја на ‘Охридско лето’“, истакна директорката Наташа Поповиќ. Таа додаде и дека Владимир Милошевиќ важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација.

Според Поповиќ и по единаесет дена од почнувањето на 59. фестивалско издание со спектакуларниот концерт на големата виолинистка на денешницата, Ванеса Меј за кој се бараше карта повеќе, Охрид, во текот на изминатите денови е вистински град на културата преку фестивалските концерти кои се исполнети до последно место.