Стационарот ги прими на преспивање првите бездомници

81

Стационарот во Момин Поток од пред три дена е отворен за преспивање на бездомници. Од Црвениот крст на Град Скопје за весникот ВЕЧЕР велат дека во машкото одделение веќе се зафатени седум кревети, додека женското одделение сè уште е празно. Оттаму очекуваат кај нив на преспивање да дојдат повеќе бездомници со оглед дека надворешните температури се минусни, особено во утринските часови

Стационарот во Момин Поток од пред три дена ширум ги отвори вратите за преспивање на бездомници. Од Црвениот крст на Град Скопје за весникот ВЕЧЕР велат дека во машкото одделение веќе се зафатени седум кревети, додека женското одделение сè уште е празно. Оттаму очекуваат кај нив на преспивање да дојдат повеќе бездомници со оглед дека надворешните температури се минусни, особено во утринските часови.

Драгана Лазаревска, координатор на Пунктот за бездомници, вели дека Пунктот е отворен 24 часа и може да дојде секој што не успеал да најде место каде ќе преспие.

– Во просек можат да престојуваат од 7 до 10 лица, со цел да се запазат ковид мерките и протоколите за заштита, вели Лазаревска.

Овие лица не се во стационарот преку ден, туку излегуваат да се видат со пријатели, одат до Агенцијата за вработување заради пријавување или, пак, да завршат некоја друга обврска.

– Освен тоа, во функција е и телефонскиот број: 071/733-171 на кој граѓаните ќе можат да пријават доколку забележат бездомно лице. Нашиот мобилен тим ќе направи процена бидејќи бездомните лица не секогаш сакаат да бидат некаде сместени, па доколку сакаат ќе ги донесат во стационарот на Пунктот за бездомници, но доколку не сакаат им се обезбедува топла супа, чај, ќебиња за спиење, за колку толку да бидат заштитени од студот, објасни Александра Ристовски од Црвениот крст на град Скопје.

Во социјалното претпријатие на Црвениот крст „Копче“ веќе се подготвува зимска облека за лицата во ризик и за сите оние на кои им е потребна.

– Направен е дотур на храна во селата кои минатите години останаа отсечени поради снегот и ниските температури. Станува збор за селото Танушевци на територијата на општина Чучер-Сандево, како и села на територијата на општина Сарај. Имаме резерви на храна и хигиенски средства и во самите магацини, за да имаме резерви доколку се појават евентуални проблеми предизвикани од студен бран и снежни врнежи, истакна Ристовски.

Таа ги повика општествено одговорните компании да се вклучат во дотур на топла храна (супи) особено за бездомните лица и лицата во ризик.

Во функција е и планинската станица на Водно.

– Таа работи за време на викендите и за државни празници. Подготвени сме со дополнителен број волонтери кои се вклучуваат во евентуална потрага по изгубени лица заедно со војската и полицијата, доколку тоа е потребно, заклучи Ристовски.

(А.П.)