Стартување на автомобил со плескање на дланки, сензорски стап за лица со оштетен вид, паметна корпа за отпадоци…иновации на тетовецот Адем Амети

104

За само две години Адем успеал да создаде 22 успешни иновации со кои ги воодушевува сите. Тој за весникот ВЕЧЕР раскажа дека сака да создава добри работи за општеството, а во тоа му помага што постојано е во тек со современата технологија и новите дела, или иновациите што ги прават другите, и вели дека со постојано учење и работа, се постигнува сè

Тетовецот Адем Амети е еден од ретките луѓе во нашата држава кој слободното време го користи да измисли некоја иновација што би била од корист на луѓето во секојдневниот живот. Тој за само две години успеал да создаде 22 успешни иновации со кои ги воодушевува сите.

Тој за весникот ВЕЧЕР раскажа дека сака да создава добри работи за општеството, а во тоа му помага што постојано е во тек со современата технологија и новите дела, или иновациите што ги прават другите, и вели дека со постојано учење и работа, се постигнува сè.

– Досега сум направил 22 иноваци кои ги споделив на социјалните мрежи. Она што најмногу ми се допаѓа е стапот за лица со оштетен вид на кој има поставено сензор. Лицето кога ќе наиде на некој предмет пред него стапот го предупредува преку звук или со вибрациите што ги чувствува во раката – објаснува овој млад тетовец.

Сензорот на стапот детектира предмет на подот на растојание од околу 15 до 20 сантиметри и за тоа го информира лицето дека има препрека пред него. Лицето ја добива информацијата со пискав звук, а ако не го слушне, тогаш стапот почнува да вибрира и му дава опомена да внимава да не се повреди.

Најголем број од иновациите му се посветени на различните начини на стартување на моторот на автомобилот. Вели дека измислил моторот на неговата „пегличка“ да го вклучи со отпечаток на телефонот, со код, картичка, џоистик, со далечинско, па дури и со плескање на дланките.

Адем вели дека преку овие начини тој може да го вклучи и да го изгасне моторот на автомобилот, но исто така може да ги активира бришачите и светлата на „пегличката“, која ја користи за тестирање на неговите изуми.

Не случајно го избрал ова старо возило со кое сака да покаже дека неговите изуми можат перфектно и многу полесно да функционираат кај современите автомобили со развиена технологија.

Тој измислил и начин како со гласовна команда да се вклучат и исклучат светлата, или, пак, вентилацијата во домот. Вели дека со voice control едноставно се дава командата кога влегувате во домот и светлата се вклучуваат, а рацете ви се зафатени со кеси од пазар или други предмети.

– Посебно сум горд на корпата за отпадоци за деца која е направена во пандемија за децата да не ја допираат. Корпата реагира на движење, со приближување на раката на 15 сантиметри, сензорот реагира по што се отвора капакот и ѓубрето може да се фрли внатре. На тој начин се заштитуваат луѓето од заразување, бидејќи нема фаќање со рака на капакот на кантата. Ова е особено значајно за училиштата во овој период на пандемија со што се заштитува здравјето на децата – вели Адем.

За реализација на еден проект, во зависност од тоа колку е сложен, вели дека му се потребни од една до две-три недели. Голема поддршка добива од родителите и пријателите, но како што вели и од сите други добродетели. Тие му даваат сила да продолжи да ги изненадува сите со своите иновации.

– Сè уште не сум решил за следниот проект. Во моментот кога ќе работам на следниот проект, тој ќе биде објавен на мојот профил на „Фејсбук“ – вели овој млад инспиративен тетовец.

(С.Бл.)