Старата кооперација во Слоешница ќе прерасне во мултифункционален центар

46

Старата селска кооперација во Слоешница треба да прерасне во мултифункционален центар во кој ќе има и меморијална поставка за Петре М. Андреевски.

Станува збор за проектот „Откривање на скриените атракции“ кој Општина Демир Хисар го реализира со поддршка од Европската Унија, во рамките на ИПА Прекуграничната програма меѓу  Македонија и Албанија.

Заедно со Демир Хисар, Општина Клос од Албанија и невладините организации Арт Поинт – Гумно од село Слоешница и ФЛАГ од Тирана ќе развијат туристички патувања исполнети со локални искуства како планинарење, часови за готвење, оф роуд авантури, изработка на домашни ракотворби, собирање на лековити билки и други автентични доживувања заедно со локалното население.

Стариот Задружен дом во село Слоештица ќе понуди и сместување за туристите.

Со изградбата на новиот центар ќе биде уредена и меморијална поставка на великанот на македонскиот пишан збор, Петре М. Андреевски кој во родната Слоештица, меѓу останатите дела ја напиша и популарната „Дениција“. Оригиналната поставка ќе покаже како продолжува животот на еден Великан после неговото физичко заминување.

Дополнително, во новиот мултифункционален Центар кој опфаќа површина од над 600 квадратни метри ќе биде отворена и продавница за локални производи: лековити билки, планински чаеви, мед, печурки, шумски плодови, сувенири и ракотворби автентични за демирхисарскиот крај.

Исто така, ќе биде адаптирана и летна сцена на која ќе се одржуваат настани атрактивни за пошироката публика и домашните туристи.

-Со проектот „Откривање на скриени атракции“ развиваме интересни патувања, ги мотивираме туристите да ги поминат границите меѓу С Македонија и Албанија и да ги истражат недопрените места кои нудат уникатни искуства, а притоа да ја доживеат дестинацијата како една – потенцираат од Општина Демир Хисар.