Становите во второто тримесечје поскапеа за шест проценти

Ова е најголем квартален скок на вредноста на квадратот што го измерила Народната банка од 2000 година наваму и се случува откако во претходното тримесечје, од јануари до март годинава, станбениот квадрат на годишно ниво поевтинил за 0,8, а на квартално поскапел за минимални 1,9 проценти

57

Голем скок на цените на станбениот квадрат евидентира Народната банка во вториот квартал од оваа година.

Користејќи сопствена методологија, аналитичарите од Народната банка пресметале дека цените на становите во периодот од април до јули годинава пораснале за 5,8 проценти во споредба со истиот период лани, а во однос на претходниот квартал од оваа година за шест проценти.

Ова е најголем квартален скок на вредноста на квадратот што го измерила Народната банка од 2000 година наваму и се случува откако во претходното тримесечје, од јануари до март годинава, станбениот квадрат на годишно ниво поевтинил за 0,8, а на квартално поскапел за минимални 1,9 проценти.

Како базна година во пресметките Народната банка ја користи 2010 година. Така, во првиот годинешен квартал во однос на 2020 г. цените биле пониски дури за пет проценти, за во вториот, за првпат во последниве 19 години речиси се изедначиле, поточно се зголемиле за 0,07 проценти.

Инаку, во 2010 година цените на становите беа исклучително високи, откако две години претходно, кога се изјалови очекувањето нашата држава да стане членка на НАТО, нагло, речиси преку ноќ многу скокнаа. Годишниот раст на цените на становите во 2008 година според Народна банка е 20,4 проценти и е најголем досега.

Прогнозите на градежниците се дека во наредниот период благо ќе растат цените на квалитетните станови. Во Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија оценуваат дека ако се симнат мораториумите за градење на неколку локации во двете скопски општини во кои најмногу се гради – Центар и Карпош, ќе има ново придвижување на цената на квадратот кое нема да биде водено како до сега, според локацијата. Претседателот на ова Здружение, Андреа Серафимовски, неодамна анализираше дека во тој случај неквалитетните станови ќе поевтинат, а цената на квалитетните ќе оди нагоре.

Ако се следат цените на новоградбите во огласите за продажба, квадратот, како и секогаш е најскап во скопската општина Центар, каде што за луксузните станови на најатрактивните локации се искачува до 1.500 евра, но никаде не е пониска од 1.100 – 1.200 евра. Во Карпош се продаваат новоградби по цена и до 1.100 евра, а за стотина евра се поевтини становите во Аеродром и во Кисела Вода. Во другите општини низ државата цените на квадратот се многу, некаде и неколкукратно пониски, но таму многу помалку се гради и пазарот со станови е многу понеразвиен.

(С.В.)