ССМ: Од денеска се исплатува минимална плата од 14.934 денари, без додатоците и надоместоците

Синдикатот бара јавно да се објавуваат фирмите кои ќе прават малверзации со платите на работниците, но и се заканува дека по пријави на вработени, во нивно име ќе поднесува кривични пројави против несовесните работодавци според член 166 од Кривичниот законик

64

Од денеска компаниите имаат обврска на работниците да им пресметуваат повисока минимална плата за 500 денари. За време на вонредната состојба минималецот за мај и јуни беше замрзнат на 14.500 денари, а за јули коригиран со трошоците на живот е зголемен на 14.934 денари. Исплатата на зголемената јулска минимална плата се врши овој месец.

Потсетување до работодавците дека минималната плата е зголемена вчера упати Сојузот на синдикатите на Македонија со напомена дека 14.934 денари е основната плата, без додатоци.

-Ги потсетуваме сите работодавачи дека минималната плата од 1 јули изнесува 14.934 денари и во неа не се вклучени, туку дополнително се пресметуваат додатоците и надоместоците на плата согласно колективните договори. Праксата на несовесните работодавачи да ги вклучуваат во минималната плата надоместоците и додатоците мора веднаш да запре, велат од ССМ.

Оттаму посочуваат дека и понатаму ќе бидат гласот на работниците и коректор на сите кршења на работничките права.

-Подучени од нечесните игри на некои несовесни и алчни работодавачи бараме надлежните инспекциски органи веднаш да ги казнуваат сите несовесни и алчни работодавачи. Очигледно само на тој начин може да се воспостави ред и почитување на законите, а истовремено и јавно да ги објавуваат нивните имиња, со цел работниците да бидат информирани, посочуваат од синдикатот.

Од ССМ се закануваат дека за сите оние газди за кои нема да бидат применети соодветни мерки и ќе бидат скриени од надлежните институции, како за малверзации при исплатата на минималната плата, така и кај исплатата на поддршка на државата, по пријава на работниците, во нивно има ќе поднесуваат кривични пријави по член 166 од Кривичниот законик.

Од ССМ уште посочуваат дека зголемувањето на минималната плата треба да биде основа за скалесто зголемување на сите плати на работниците, што, како што сметаат, може многу лесно да се случи преку почитување на колективните договори.

Инаку, како што неодамна пишуваше весникот ВЕЧЕР, наспроти тоа што минималната плата за јули, што се исплатува во август се зголеми од 14.500 денари на близу 15.000 денари, во огласите со кои бараат работници најголемиот дел од работодавците и понатаму како основана ја нудат старата минимална плата од 14.500 денари.

(С.В.)