„Срце“ за илјадници скршени срца на Рекорд, „Гулаби“ за маџирмаалци, „Корзо“ за Старото корзо и „Волчко“ за Стар ловец

198

– Младите генерации не ги препознаваат, не знаат каде се тие места и не го знаат нивното значење. Затоа дојдовме до идеја тие мали топли места да бидат проследени со уметнички инсталации и да придонесеме кон трајно меморирање на битните микролокации во општина Центар и презервирање на овие урбани топоними за наредните генерации. Засега се поставени четири топоними, вели Никола Писарев од Центарот за современи уметности кој е реализатор на проектот, а финансиран од општина Центар

 

„Дојдов во 7, те чекав до 8, ако не дојдеш до 9, си одам во 10“. Ова е напишано на срцето кое е уметничка инсталација изработена од скулпторот Андреј Митевски, како дел од проектот „Урбани топоними акции“, наменета за зачувување на спомените на градот, а е поставена токму позади некогашната автобуска постојка но и продавница „Рекорд“, во знак на сеќавање на ова место кое некогаш беше препознатливо за средби.

Колку скопски љубови почнале со првиот состанок на „Рекорд“? Со децении, тука почнуваа состаноците на илјадници вљубени скопски парови. Тука почнуваше ноќниот живот на генерации млади скопјани. Се среќававме под првото или второт „Р“, под „О“ или под „К“, секој под својата специјална буква од натписот на некогашната продавница, ударнички наречена „Рекорд“ во одамна минато време кога секоја втора фирма беше „Прогрес“, Победа“ или „Идеал“, во духот на идеалот за напредок на општеството.

Се испраќавме со последните автобуси пред полноќ, до кога автобусите возеа по редовен возен ред, а оние задоцнетите го чекаа полноќниот.

Во меѓувреме, се посетуваше уште една претпоследна станица – бурекџилницата „Ванила“ отспротива, каде претполноќниот врел бурек се служеше набрзина  пресечен на големи коцки, а се јадеше со две вилушки, стоејќи, под огромните слики со орачи, сејачи, жетвари, пекари и „работен народ на топол оброк“, кои го опишуваа патот на омиленото скопско печиво „од полето до трпезата“.

Оттогаш на “Рекорд“ минаа многу автобуси. Многумина се состанаа и се разделија. Исчезна и автобуската постојка, но остана името.

„Рекорд“  можеби не го оправдал социјалистичкото име на продавницата со нови победи на пазарот, но повеќе од сигурно поставил којзнае колку рекорди во чекања, испраќања, нови љубови и скршени срца. И остана скопски топоним, и синоним за место за состанување. Место каде што почнуваат илјадници мали, а големи приказни, мали, а големи љубови. Сосема обично место со сосема обични луѓе, а за секого од нив, толку посебно место за толку посебни луѓе.

Ова е приказна испишана до оваа уметничка инсталација, а ги има уште три со свои препознатливи приказни како дел од овој проект: Стар Ловец, Старо корзо во Паркот на Франкофонијата и на почетокот на Маџир Маало.

Никола Писарев од Центарот за современи уметности кој е реализатор на проектот, а финансиран од општина Центар, истакна дека идејата е да се зачува споменот на цела низа култни места во Скопје, како микролокации со традиција во деведесеттите години, односно да ги означи значајните урбани топоними (микролокации) во Општина Центар кои за помладите генерации скопјани, но и многуте граѓани од цела Македонија кои се доселени во Скопје претставуваат целосна непознаница, а за Скопје и одредени генерации скопјани претставуваат значајни места на кои се темели ориентацијата низ центарот на градот.

– Младите генерации не ги препознаваат, не знаат каде се тие места и не го знаат нивното значење. Затоа дојдовме до идеја тие мали топли места да бидат проследени со уметнички инсталации и да придонесеме кон трајно меморирање на битните микролокации во општина Центар и презервирање на овие урбани топоними за наредните генерации. За сега се поставени четири топоними – изјави Писарев.

Овие четири инсталации ги направија скулпторите: Андреј Митевски –  Срце, за просторот на локација Рекорд, Љубиша Камењаров – Ловец/Волчко, за просторот кај Стар ловец, Александар Наумовски – Гулаби, за просторот во Маџир Маало и Андреј Миневски – Корзо, за просторот на Корзо (Парк на Франкофонија).

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ истакна дека ги поддржуваат ваквите активности, каде уметниците го изразуваат својот труд.

– Ова е симбол за едно време, за едно сеќавање на луѓето во поодминати години за тоа како го минувале времето – изјави Богдановиќ.

(А.П.) Фото: (П.С.)