Бора Чорба беше рок музичар и фронтмен на бендот „Рибља чорба“. За повеќе од 45 години од нивната кариера, тие снимија 20 студиски албуми и осум изданија во живо. „Рибља чорба“ беше еден од најпопуларните и највлијателни рок бендови во поранешна Југославија. Со нивните најголеми хитови „Остани ѓубре до краја“, „Два динара друже“, „Немој среќо, немој данас“, „Погледај дом свој анџеле“, „Казабланка“, „Авиону сломичу ти крила“, „Када падне ноч“, „Лутка са насловне стране“ растеа многу генерации во екс СФРЈ, а добро ги знаат и помладите генерации
На 71-годишна возраст во Љубљана почина легендарниот српски музичар Бора Ѓорѓевиќ познат како Бора Чорба. Тој беше фронтмен на „Рибља чорба“, рок бенд со чии стихови и музика растеа генерациите во поранешна Југославија, и со чии гитарски акорди стартуваа речиси сите почетници гитаристи. „Остани ѓубре до краја“, „Два динара друже“, „Немој среќо, немој данас“, „Погледај дом свој анџеле“, „Казабланка“, „Авиону сломичу ти крила“, „Када падне ноч“, „Лутка са насловне стране“ се хитовите кои се слушаа, пееја, но и ден-денес добро се паметат од голем број фанови на бендот.
Бора неодамна беше примен во болница во Љубљана со тешка пневмонија. Се лекувал со антибиотици, а по неколку дена поради влошената состојба беше ставен на респиратор. Инаку, тој долго време се бореше со тешката болест на белите дробови. Музичарот пред Нова година имше пневмонија, поради што го откажа концертот во Ниш.
„Докторот експресно ми забрани да вложам секакви напори бидејќи боледувам од тешко воспаление на белите дробови, па настапот би ми ја влошил здравствената состојба. Ќе ја победиме болеста и ќе се видиме во прва прилика“ – им порача тогаш Бора на организаторите и потенцијалната публика.
За жал, легендарниот рокер не успеа да ја добие битката со болеста.
Борислав Бора Ѓорѓевиќ е роден на 1 ноември 1952 година во Чачак, младоста и средните години ја поминал во Белград, а последните години од животот во Љубљана.
Живот на рок-ѕвезда
Со музика почнува да се занимава од својата тринаесетта година. Музичката кариера ја започнува во 1965 година, во Чачак, каде што бил член на многу бендови. Со гитаристите Борко Илиќ, Првослав Савиќ и тапанарот Ацо Димитријевиќ го основа бендот наречен „Хермелини“. Бора свиреше бас и пееше, а најмногу настапуваа во Чачак и околината. Тие првпат свиреа на училиште, а на репертоарот беа популарни рок-песни од тоа време. Потоа пееше и свиреше во бендовите „Дечаци са Мораве“, „Весници љубави“, „Сафири“ и „Чачански племиќи, потоа и пееше во бендот „Last Remains of the Romantic World“ (PORS) со Радомир Михајловиќ Точка, кој подоцна стана популарен како фронтмен на групата „Смак“. Заедно со група пријатели, тинејџерот Ѓорѓевиќ почнал да влегува во станови околу неговиот роден град Чачак, барајќи да украде пари и други вредни предмети. Три години се финансирале ограбувајќи богати куќи и со тие пари купувале инструменти. Кога биле фатени, биле префрлени во истражниот затвор, каде што Бора поминал седум дена. Судот не му одредил затворска казна на тинејџерот, наредувајќи му да биде подложен на „засилен родителски надзор и повремена идна проценка од социјалните служби“. По излегувањето од затворскиот притвор, тинејџерот Ѓорѓевиќ веднаш бил избркан од гимназијата во која одел. Родителите на Ѓорѓевиќ решиле да го преселат семејството во Белград.
Раната кариера во Белград му е обележана со работата во групите „Заједно“ и „Сунцокрет“. Од 1978 година е фронтмен на групата „Рибља Чорба“. За повеќе од 45 години од нивната кариера, тие снимија 20 студиски албуми и осум изданија во живо. Последниот албум „Да тебе није“ го издаде Сити рекордс. Бендот „Рибља чорба“ беше еден од најпопуларните и највлијателни рок-бендови во поранешна СФРЈ. Албумите се продадени во повеќе од половина милион примероци. Одржале многубројни концерти во регионот, во Америка и Австралија, а најголемите хитови добро ги знаат и помладите генерации.
Бора има објавено и десетина книги, а неговата стихозбирка „Пустински остров“ ја доби наградата Оскар „Иво Андриќ“ во 2018 година.
Поради неговите провокативни општествени и политички ставови и неговата поддршка за српскиот национализам Ѓорѓевиќ беше предмет на многу контроверзии. Самиот за себе велеше дека е првин Србин, па дури потоа рокер. На 15 февруари 2021 година, како поет, писател и музичар беше одликуван со орден Ѕвезда од Караѓорѓе од прв степен.
Рокерoт имаше три брака
Бора зад себе го остави синот Борис, кој го доби со првата сопруга Драгана, која му беше љубов од средното училиште. Со неа беше во брак до 5 февруари 2007. Се развеле спогодбено, а Бора го напуштил станот во кој живееле. Според медиумите, Драгана извршила самоубиство на 23 март 2007, а оваа информација никогаш не била јавно потврдена од рокерот. Се шпекулираше дека Драгана не може да го преболи разводот со Бора и неговата 28 години помлада партнерка со која тој се оженил во 2009 и на која ѝ го посветил албумот „Минута со неа“.
Бора често истакнуваше дека Драгана му е вечна инспирација, а ѝ го посвети хитот „Авиону, сломичу ти крила“. Двајцата некогаш биле склони кон алкохол. Иако кризата траела долго, дефинитивна причина за разводот наводно била новата љубов на Бора, Александра, со која се оженил на 18 ноември 2009. Својата избраничка ја запознал на турнеја низ САД. Но по неколку години (2014 година) завршил и овој втор брак. Третата среќа музичарот ја пронашол покрај Дубравка Милатовиќ. Бора во едно интервју изјавил дека таа е неговата последна љубов.
„Испратете го моето тело во Чачак, а во Љубљана оставете го моето срце“
За време на еден концерт во Чачак, тој ја рецитирал песната „Две гитари“, која ја напишал со покојниот басист Миша Алексиќ, која со текстот ја расплакала публиката, а како последна желба им ја остави во аманет на Чачанци.
Стиховите гласат: „Испратете го моето тело во Чачак, во Србија, во Љубљана оставете го моето срце, нека биде таму. Не ги трошете парите, јас не сум толку важен лик“.
Како чачанец Бора истакнал дека и покрај повеќедецениската кариера бил нервозен кога настапувал во родниот град.
„Роден сум во Чачак и бев многу возбуден кога добив признание за почесен граѓанин. Јас сум од Чачак и работам привремено некаде таму надвор, сите што сме надвор од Чачак еден ден ќе се вратиме на падините на Јелица за да останеме трајно во Чачак“, рекол и посочил дека заслужил една од улиците во неговиот роден град да го носи неговото име.
„Обично тоа признание го даваат постхумно, а постхумно не ми значи многу, бидејќи нема да знам. Би сакал да доживеам такво нешто во Чачак. Додуша и јас имам нешто слично во белградската зоолошка градина, таму има патека наречена сокакот на Бора“.
Од Бора се збогуваа повеќе македонски пејачи
Бора Чорба беше близок со многу македонски пејачи, а дел од нив, со емотивни пораки или објавувајќи негови песни се збогуваа со него на социјалните мрежи.
„Збогум пријателе… Равнодушан према плачу и конечно сасвим сам“, со стих од песна на „Рибља Чорба“ Игор Џамбазов се прости од Бора.
Со легендарниот рокер, постирајќи заеднички фотографии се збогуваа и Ламбе Алабаковски, Тамара Тодевска, Мики Црнокрак, Боки 13, Тамара Волчевска.
„Нека ти е лесна земјата. Јас ти кажав збогум со овој настап. Го чувствував длабоко нашето збогување. Ти благодарам за музиката. Ти благодарам за текстовите. Ќе живееш низ нив вечно“, напиша пејачката Ивона Јо.
Вучиќ: Нè задолжи со својата песна и огромната љубов кон Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ на социјалните мрежи се збогува од Бора Чорба. „Отиде великанот, замина нашиот Бора. Нè задолжи со својата песна и огромната љубов кон Србија. Нека му е вечна слава и Бог нека го прости. Се раздени над црквата ’Свети Марко’, и така ќе биде во децениите кои доаѓаат“, напиша Вучиќ на „Инстаграм“.