Средношколката Божица Стоевска беше еден ден градоначалник на Крива Паланка по повод Светскиот ден на младите

56
Светскиот ден на младите, 12 август, денеска беше одбележан во Крива Паланка од страна на Европската куќа – Крива Паланка и Општината со тоа што средношколката Божица Стоевска, активна млада кошаркарка, беше градоначалник на еден ден.
–  Светскиот ден на младите го одбележуваме со внесување на уште повеќе млада и свежа енергија во решавањето на општинските работи и во процесите на носење одлуки во Општина Крива Паланка. Божица Стоевска, млада личност која денеска беше градоначалничка на еден ден и одлично се справи со предизвиците со кои еден градоначалник се соочува на дневно ниво. Со голема поддршка од  градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно пробаа да ги разгледаат многуте општински прашања од перспектива на млада личност, остварија регуларни состаноци со секретарот на општината, како и со шефот на кабинетот за дневната агенда на градоначалникот и беше директно вклучена во работата на дел од институциите во општината, изјави Димитар Петровски од Европска куќа Крива Паланка.
Додаде дека оваа иницијатива e дел од активностите кои ја промовираат потребата од  вклучување на се поголем број млади лица во процесите на носење одлуки и дека е планирано таа да продолжи и со другите општини од Североисточниот регион. Мислењето на младите, рече тој, е важно и треба да биде земено предвид во секоја донесена одлука на општинско и национално ниво.
Градоначалникот Сашко Митовски рече дека Општина Крива Паланка е голем пријател на младите.
-Општина Крива Паланка е пријател на младите, така се обврзавме така и ќе биде. Денеска првпат ги отворив вратите од мојот кабинет во рамките на заедничкиот проект со Europe House Крива Паланка „Градоначалник на еден ден“. Добредојде и посакав на средношколката Божица Стоевска со која заедно ја реализирвме мојата денешна агенда. Транспарентна, отчетна и голем пријател на младите, таква е мојата и нашата општина. Младите во Крива Паланка не се само неми набљудувачи, туку активни учесници во општинските политики и креатори на сегашниот и идниот развој на нашата Крива Паланка, порача Митовски, додавајќи дека  силата на Крива Паланка е токму во младите.