Средба на градоначалникот Дехари со претседателите на месните заедници

50

Градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари денеска оствари средба со претседателите на месните заедници, на која се разговараше за актуелната состојба и кризата што се појави со електричната енергија на глобален план.

На предлог на градоначалникот Дехари беше донесена одлука, во периодот што следи Општина Кичево да воведе  рестрикции поточно намалување на периодот на работа на јавното осветление. Оваа одлука беше прифатена едногласно од сите присутни на состанокот и беше одлучено овие рестриктивни мерки да почнат да се спроведуваат во најкраток можен рок.

Градоначалникот Дехари изрази голема благодарност за разбирањето од страна на претставниците на месните заедници и им се заблагодари на нивната кооперативност.

Тој додаде дека намалувањето на периодот на користење на јавното осветление ќе овозможи да се оствари заштеда која е од непроценлива важност во време кога во светот се случува енергетска криза.