Средба Ердоган – Путин пред трилатералниот Самит за Сирија

50

Ердоган денеска ќе биде домаќин на петтиот трилатерален Самит за Сирија меѓу Турција – Русија – Иран

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на билатерална средба во Анкара го прими рускиот претседател Владимир Путин, јавува агенцијата Анадолија.

Во пресрет на овој важен Самит, на кој ќе се разговара за судбината на сириски Идлиб, во Анкара утринава пристигна и иранскиот претседател Хасан Рохани, кој оствари средба со претседателот Ердоган во палатата Чанкаја.

Тројцата лидери денеска ќе одржат важен трилатерален состанок во рамките на мировниот процес кој се води за Сирија во Астана.

Главна тема на трилатералниот Самит е ситуацијата во со војна зафатената Сирија, со акцент на случувањата во Идлиб. Целта на процесот е да се стави крај на судирите, да се овозможи доброволно враќање на сириските бегалци и да се постигне клима за политичко решавање на кризата и градењето доверба.

Мировниот процес во казахстанскиот град Астана, денешен Нурсултан, започна на почетокот на 2017 година. Досега одржани се тринаесет рунди преговори, а Турција, Русија и Иран се земји гаранти на процесот.

Со посредство на Турција и Русија во Сочи на 17 септември 2018 година постигнат е договор за примирје во Идлиб и формирање на деескалациска зона за цивилите.

Во Идлиб, како упориште на сириската опозиција, живеат околу 4 милиони луѓе, како и внатрешно раселени лица кои се цел на постојани напади на режимот.

Од септември минатата година и од прогласувањето на примирје во тој регион раселени се над милион луѓе.

Турскиот претседател Ердоган неодамна предупреди дека Турција веќе има згрижено рекордни 3,6 милиони сириски бегалци, и дека нема да може да згрижи потенцијален нов бран бегалци од Идлиб.