СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА! – Српскиот патријарх, на литургија во Соборниот храм во Скопје, обзнани историска вест

„Соборот на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА каде што Соборот благословува, прифаќа и признава автокефален статус, обзнани српскиот патријарх. Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт. Потоа, рече патријархот Порфириј, ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот каконски ред и тие да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА. По објавувањето на радосната вест, од страна на патријархот Порфириј, следеше долг и громогласен аплауз од верниците кои се наоѓаа внатре и околу Соборниот храм. Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, пак најави: „нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена и на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија во Фанар“.

154

Повеќедецениската борба за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија доби долгоочекуван радосен епилог. На големиот празник, Денот на словенските просветители Светите Кирил и Методиј, 24 Мај, на заедничката лутургија во Соборниот храм во Скопје со архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, српскиот патријарх Порфириј обзнани дека СПЦ ја благословува и одобрува афтокефалноста на МПЦ – ОА и даде предлог да биде примена во редот на признати православни цркви.

– Видов пред некој ден и сега радост и љубов во очите на сите вас. Гледам обврска и задача за нас архијереите, а тоа е дека вашата љубов и молитви во Белград и овде го надминаа искушението ни, да Бог направи чудо, да разбреме дека сме едно и дека не можеме едни без други.  А сега ви носиме уште една вест. Соборот на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА каде што Соборот благословува, прифаќа и признава автокефален статус, изјави српскиот патријарх. Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следува свеченото прогласување на официјален акт. Потоа, рече патријархот Порфириј, ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот канонски ред и тие да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА.

– Денес да се радуваме бидејќи денеска се радува целата црква, се радуваат небото и земјата кога браќата се сакаат, кога го слават името на Господ, да се радуваме што по 55 години служевме света литургија прво во Белград, па во Скопје, двапати за само неколку дена, нагласи српскиот патријарх.

Господ не поставил граници народот да се дели, продолжи во обраќањето патријархот Порфириј, туку границите значат можност секој народ подобро да се организира како свој посебен печат, посебни дарови што ги добил од Бога, ги умножувал, ја создал различноста и секому му дал со свој личен печат да биде збогатен со другите, за да тогаш во заедница и убавина на сите народи сите да бидат едно.

– Во едно сме единствени, во Христа сме едно, и навистина браќа и сестри, еден е Господ и една е црквата негова, една е верата наша и љубовта наша и затоа денеска неописливо се радуваме, бидејќи пред наши очи се случува чудо и ние сме дел сме од тоа чудо, учесници на тоа чудо. Она што беше раздвоено од 1967 година, Господ нè удостои да биде исцелено, нагласи српскиот патријарх.

По објавувањето на радосната вест, од страна на патријархот Порфириј, следеше долг и громогласен аплауз од верниците кои се наоѓаа внатре и околу Соборниот храм.

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, пак обзнани: „нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена и на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија во Фанар“.

-Овој денешен свет ден, како што рече тој, е и бањата Витезда, зашто ни пристапи човек – таткото на православните, Неговата Сесветост Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, кој нè спушти во водата, бидејќи не 38, туку 55 години седевме, чекајќи во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи за нас! Потоа ни пристапи и друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, да нè пресретне здрави и исцелени и срдечно да нè прегрне – и да нè испрати при првосвештеникот за да го потврди нашето исцеление, како што слепиот беше пратен во бањата Силоам“, додаде г.г. Стефан.

Посочи дека и нашата осумдесетгодишна заложба за самостојна Црква никогаш немала и нема за цел да нè оддели од Телото Христово, туку да ни дозволи и ние, подобно на другите православни народи, слободно да можеме да ја извршуваме својата мисија меѓу својот народ, овде, во татковината и насекаде по светот, до каде што нѐ има.

-Овој историски период, кој сите ние го минуваме, е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на национално потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена својата Охридска Архиепископија, да ја видат автокефална, или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на охридскиот архиепископ. Тие наши предци сега од небесната Црква се радуваат заедно со нас, гледајќи ги нашата радост и нашето единство, нагласи г.г. Стефан.

Покрај огромниот број верници од различни возрасти, на литургијата во Соборниот храм, присуствуваа великодостоинствениците на двете цркви, голем број монаси како и претставници на Католичката црква во земјава.

Историскиот настан дојде како резултат на одлуката на Вселенскиот Патријарх од 9 мај 2022 година, за враќање на нашата Црква во канонско единство до останатите православни цркви. Процесот беше започнат уште пред околу пет години, со низа преговори што се одвиваа помеѓу МПЦ – ОА и Вселенската патријаршија, а вселенскиот патријарх Вартоломеј уште во февруари 2022 година испрати писмо до СПЦ со апел да го реши процесот со МПЦ – ОА.

Претходно, на 19 мај, двајцата поглавари служеа заедничка архијерејска литургија на помирување во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, на покана на српскиот патријарх Порфириј. По ова, следеше покана од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, за заедничка литургија во храмот „Св. Климент Охридски“ во Скопје на Денот на сесловенските просветители светите рамноапостоли Кирил и Методиј.

Спорот меѓу двете сестрински цркви почна на 17 јули 1967 година, кога Третиот црковно-народен собор свикан од Светиот синод на МПЦ на свечена седница во охридската црква „Св. Климент“ ја прогласи Македонската православна црква за автокефална. По ова, Светиот архиерејскиот собор на СПЦ ја прогласи МПЦ за расколничка организација и го прекина богослужбеното и канонското единство (Е.А.)