Спречен шверц на 38 килограми канабис од албанска на македонска територија  

9

Албанската полиција заплени 38 килограми канабис, што од Подградец, Република Албанија преку водите на Охридско Езеро требало да бидат прошверувани во Северна Македонија.  

Акцијата следувала по четиримесечна истрага а врз основа на добиените информации, полицијата извршила контрола долж брегот на езерото кај Подградец, каде открила глисер со кој сторителите требало дрогата, која била во него, да ја транспортираат на другата страна на езерото.  

-Како резултат на добро организирана акција беше овозможено да се приведат лицата О.С. (31), жител на Подградец и К.Д.(22) жител на село Худениште, Подградец, а се трага по Л.Ш.(20) од истото село. Кривично ќе се гони Е.Х. (31) жител на Подградец, за сторено кривично дело „непријавување кривично дело“, соопшти Полицискиот комесаријат од Подградец.  

Се додава дека како материјален доказ запленети се и глисерот, гумен чамец, автомобил марка „мерцедес“, мобилни телефони, како и други предмети користени во оваа криминална активност.  

Претходно, на седми минатиот месец, полицијата заплени 23 клограми марихуана, која требало да биде транспортирана на македонска територија и уапси две лица, исто така од Подградец.