Во рамките на проектот „Скопје 2014“, во Паркот на жената борец пред Градскиот трговски центар, се поставени повеќе споменици. Тие го „засенија“ главниот споменик, по кој паркот го носи името. По нив се дадоа огромни средства, но никому не му текна да го заштити споменикот што ја чува нашата историја.

Скопјани забележуваат дека новите споменици кои што се големи и масивни, предничат пред овој споменик, кој покрај нив остана незабележлив, како да го изгуби своето значење. Тука е големиот Прометеј кој беше откриен на 8 септември 2012 година, по низа перипетии и лавина негодувања кои беа покренати од невладини женски организации, бидејќи првично беше гол, за потоа да го облечат.

Потпретседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци, Тодор Коцевски вели дека тие имаат упатено барање до Градот да се уреди просторот околу овој споменик и да се стави една плоча со име и презиме на седумте жени народни херои: Вера Ацева, Вера Јоциќ, Елпида Караманди, Фана Кочовска-Цветковиќ, Мара Нацева, Естреја Овадија – Мара и Ибе Паликуќа.

– Ние за ова разговаравме уште кога градоначалник беше Коце Трајановски. Имаме секција на жени и тие го покренаа тоа. Писмено ни беше одговорено дека на нашите барања ќе одговорат во рамките на нивните можности. Разговараме и со оваа градска гарнитура и упорно ќе инсистираме што побрзо да се реши ова. НОБ е победоносна и државотворна борба, тоа е наше културно-историско наследство и затоа мора да ја негуваме – изјави Коцевски. 

 

Од Градот кусо одговорија дека не се планираат никакви активности на ова поле, ниту досега се интервенирало на оваа инсталација/споменик.

Споменикот на жената борец е изграден од мермер. Автор е скулпторот Боро Митриќески, а е откриен на 8 март во 1970 година.

Во Паркот на жената борец доминира споменикот на Паднатите херои пред кој се поклонуваат државници, политичари, странски делегации по разни поводи, па оттука дојде и предлогот за покривање на голиот Прометеј, за што согласност даде и авторот Томе Аџиевски. Сите се согласиле дека не би била баш најсоодветна сликата на чие било поклонување пред голиот Прометеј. Споменикот на паднатите херои на Македонија е посветен на илјадници знајни и незнајни жртви кои ги дале своите животи за татковината.

По повод независноста на државата, овој споменик беше свечено отворен со палење на вечниот оган на обележјето на паднатите херои. Според авторот Аџиевски, овој споменик е составен од неколку сегменти – обелиск од жена-ангел, Викторија, која ја претставува победата, агората со фонтаната, која го означува светот на живите, и портата како премин од светот на живите во вечноста. Четирите коњи оддаваат почит на мртвите херои.

Бронзените скулптури се леени во српската леарница „Јеремиќ“, а градежните работи ги изведуваше скопски „Бетон“. За споменикот се потрошени околу 2,3 милиони евра.

Во март 2012 година, свечено беше откриено и спомен-обележјето кое го симболизира одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. Автор на делото е Слободан Милошески. Композицијата е составена од 10 скулптури од кои три се во седечка позиција. Спомен-обележјето чинеше 1,5 милиони евра.

(А.П.)