“Сплитски фестивал – далматински Сан Ремо“: Победи Горан Каран, концерт со песните на Мишо Ковач и шоу на Грашо!

26

Овогодишното 59. издание на фестивалот на забавни мелодии „Сплит 2019“ не донесе ништо специјално ново по кое би можеле да го издвоиме од претходните негови изданија или по кое би се издвоил од сегашните други фестивали од поранешната Југославија. А, самиот фестивал порано во она време на големата југословенска естрада беше најдобар фестивал со најмногу хитови, со најпродавани плочи и ЦД-изданија. Победникот на Сплитскиот фестивал имаше загарантирана кариера и одлична заработувачка за наредните година дена, додека фестивалот беше вистински музички настан кој покрај најдобрите пејачи(настапувале и многу македонски: Маја Оџаклиевска, Љупка Димитровска, Калиопи, Драган Мијалковски…) и композитори на забавни, поп и шлагерски ноти со вкус на Медитеранот, собираше и многу новинари кои имаа полни раце работа. Во меѓувреме со распадот на стара Југославија и фестивалот не е веќе тоа што е.

Песните остануваа во рамките на локална популарност, публиката од поранешна Југославија само од време на време ќе ја покажеше својата заинтересираност, а ТВ-преносот не одеше веќе на сите телевизии, освен на хрватската ТВ. Ова најновото издание од пред некој ден, сепак успеа да донесе неколку интересни песни меѓу кои и победничката „Куќа на нашата песна“, која маестрално ја испеа и нам добро познатиот Горан Каран во придружба на Теди Спалато и клапата „Свети Јурај“. Карактеристична далматинска песна која да останеше онаа југословенска естрада ќе беше голем хит. Вака ќе остане да се слуша само во Далмација. Времињата се сменија… Единствено ист остана Мишо Ковач, големата естрадна ѕвезда на кој една вечер му беше посветена нему и на неговите песни кои ги пееја други пејачи, меѓу кои и неговата ќерка Ивана. Мишо во годините зад нас на Сплитскиот фестивал испеа голем број хитови, имаше многу фестивалски победи. Тој сега не настапи, седеше во првиот ред (со нарушено здравје и со проблематичен од), со воодушевување ги следеше настапите на своите помлади колеги. Само во еден момент понесен од емоции и спомени се искачи на сцената и запеа неколку рефрени. Фестивалот се на се, може да се пофали со одличниот целовечерен концерт на популарниот Петар Грашо кој на познатите сплитски Прокаративи направи и одлично летно освежување со своите хитови кои и во Македонија се слушаат.

В година, кога Сплитскиот фестивал ќе слави голем јубилеен 60-ти роденден останува да вложи напор и умешност (и од онаа финансиска страна) да донесе и по некоја странска ѕвезда која настапи во градот под Марјан (од оние живите кои останале) за да нè потсети и на тоа убаво време додека беше и мега Интернационална музичка фешта, која популарно ја нарекуваат и далматински Сан Ремо.
Дуле М.