Специјалците и пожарникарите го извадија полото од водите на Вардар, во него немало никој

1502

Пожарникари и специјалци од Министерството за внатрешни работи утринава интервенираа на невообичаена случка. Случаен минувач до МВР во 8 часот пријавил дека забележал како во реката Вардар, во близина на пешачкиот мост кај приватната болница „Аџибадем Систина“, плови автомобил марка „поло“.

По пријавата, специјалци од МВР и припадници на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје се упатиле на местото на настанот.

Благодарение на навремената интервенција и ангажираност со помош на сајли автомобилот е изваден кој бил полн со вода и кал и за среќа во него немало патници.

– Возилото беше пропаднато. Се гледаше само антената. Требаше да се влезе внатре. Ангажирани беа и нуркачи од МВР – изјави за весникот ВЕЧЕР, Владимир Симоновски, командант на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје.

Тој објасни дека возилото било сопственост на болницата „Аџибадем Систина“ и дека најверојатно се работело за обид за кражба, при што сè уште е нејасно како возилото од паркингот на „Систина“ се нашло во водите на Вардар.

Од МВР официјално го потврдија случајот, а увидот и истрагата треба да утврдат како возилото завршило во реката, односно дали некој се обидел да го украде.

– На лице место излегоа екипи на ПС Карпош и Единицата за специјални задачи и возилото, сопственост на приватна фирма од Скопје, во 11.10 часот е извадено од реката. Се работи на расчистување на случајот – информираа од МВР. 

Слична интервенција Пожарната бригада имаше на 18 декември 2017 година кога од водите на Вардар во центарот на Скопје беше изваден автомобилот на актерката Весна Петрушевска. Таа кога одела на проба во МНТ ја паркирала колата под мостот, ја заклучила и влегла во театарот. Таа тогаш се посомнева дека се работи за обид за кражба, при што колата се најде во речните води.

(А.П.) – Фото: Н.Батев